Корисниците на брзи антигенски тестови за откривање на ковид-19 треба да земат брис од ноздрите според упатствата на производителот, но не мора да земат брис од грлото или од внатрешниот дел на усната шуплина, покажа новото истражување.

Со оглед на тоа што омикрон во моментов е одговорен за речиси сите случаи на инфекција со коронавирус во Сан Франциско, истражувачите таму спроведоа ПЦР тестирање и паралелен брз антиген тест на компанијата Абот на почетокот на јануари на 731 лице кои побараа тестирање за ковид-19.

Само во назалниот брис „е откриена најголема количина на вирус кај 95 проценти од тестираните“, рече др. Дајан Хавлир од Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско.

Кај 115 волонтери со позитивен ПЦР тест, членовите на нејзиниот тим ги споредиле овие резултати со резултатите од брзиот антигенски тест на Абот, користејќи примероци од брисеви од ноздрите и грлото изведени од обучени експерти.

Откриени биле скоро 40 проценти помалку позитивни резултати на тестот за ковид во примероците од брисеви од грло отколку во брисевите од нос, објавија на веб-страницата „medRxiv“ за нивните набљудувања кои допрва треба да поминат рецензија.

А посебна студија спроведена во Шпанија, чии резултати беа објавени исто така на „medRxiv“, покажа дека брис земен од внатрешниот дел на усната шуплина е многу помалку сигурен од брис од ноздрите кога станува збор за откривање на овој многу заразен вид.

Неодамнешните студии сугерираа дека омикронот може да се открие порано од брис од грло отколку од ноздра, поради што некои експерти советуваат да се направат двата брисеви.

Управата за храна и лекови на САД (ФДА) советува тестовите да се користат според упатствата.

„Нашите наоди се во прилог на користењето на Аботте тестови со брис од носот според упатствата на пакувањето“, рече Хавлир. „Се препорачува повторен брз антигенски тест за оние кои се негативни на тестот на Абот и оние кои имаат симптоми или биле во контакт со заразено лице“. А.Р.