Последната вест од Минситерството за здравство е дека се регистрирани уште две лица со корона вирус во Северна Македонија.  Како што објавија на официјалната страна на минситерството денеска во попладневните часови, на коронавирус се тестирани двајца нови пациенти и нивните резултати се позитивни на вирусот.

„Според информацијата која ја имаме во моментов, станува збор за сопружници од Дебар, кои пред неколку дена се вратиле од Италија“, објави Филипче.

Во 19:30 часот минситерот Филипче најави прес-конференција во Владата.

Денеска, во претпладневните часови министерот ја информираше јавноста дека жената која прва беше регистрирана на корона вирусот е негативна на последните испитувања.

Владата на Република Северна Македонија го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести на Министерството за здравство да се продолжи препораката за ограничување на јавните настани со гости од странство, препораката за неодржување на поголеми јавни собири и настани, како и препораката спортските натпревари да се одржуваат без публика до 13 март 2020 година, и ги утврди како свои заклучоци и препораки до јавноста и до институциите.

На седницата е прифатена и информацијата дека заради проширувањето на вирусот во повеќе земји од Европа и региони во светот, Институтот за јавно здравје редовно да ја ажурира листата со ризични земји и да ја доставува до сите членови на Комисијата, како и до сите надлежни гранични служби и до граничната полиција.

На оваа седница Владата ја прифати и ја утврди и како своја, и препораката на Комисијата за заразни болести, царинските служби и туристичките агенции редовно да доставуваат ажурирани списоци со податоци за патниците кои влегуваат во земјата организирано, како и листи со податоци за патниците кои се превезуваат со редовните линии.

Согласно ситуацијата во Европа, ситуацијата во Италија, како и во другите подрачја со поголем број регистрирани случаи со корона вирусот, останува препораката на Владата за сите патници од овие региони, да го пријавуваат влегувањето во земјата и да ги известат здравствените и безбедносните власти на граничните премини доколку се сомневаат дека имаат симптоми кои можат да бидат последица на контакт со корона вирусот.