Уште седум лица се носители на коронавирус, соопшти предмалку министерот за здравство Венко Филипче. Станува збор за четири лица од Скопје и три лица од Дебар кои беа тестирани утрово како дел од група од триесетина лица избрани за скриниг од тимовите епидемиолози.

На официјалниот профил на Министерството за здравство беше објавено дека во рамките на процесот за ран скрининг на заболени од коронавирус кој започна во неколку општини, попладнево се направени 30 тестови со поширока индикација и дополнителни 8 кои пристигнаа преку Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје. Од 38 тестирани, позитивни на коронавирус се 7 лица, 3 од Дебар и 4 од Скопје.

Со овие седумина нови заразени лица бројот на инфицирани со корона вирусот во последните 24 часа се искачи за 11 нови случаи, што е најмногу досега. До денеска вкупниот број на заразени сега е 42 лица.

„Состојбата на сите пациенти е стабилна. Двајца од заболените имаат средно изразена пневмонија“, инфромираше Филипче на попладневната прес конференција.

Според соопштението на Министерството за здравство, во моментов се работат уште 22 теста во рамките на скирнингот а разултатите ќе бидат соопштени на редовната прес конференција на министерот Филипче.

Само колку за потсетување, од вечерва на полноќ е затворен скопскиот аеродром како една од мерките за намалување на ширење на вирусот.

Н.С.