„Нокиа“на прес-конференција во Барселона најави лансирање на новиот модел на мобилен телефон „Нокиа 8110“ познат како „Матрикс телефон“.

Се работи за моделот„ 8110 4G“, првично инспириран од моделот од популарниот филм „Матрикс“, а кој ќе им биде достапен на заинтересираните купувачи во црна и жолта боја.

„Мешабл“ потсетува дека станува збор за напредна верзија на телефонот што го користеше актерот Киану Ривс во популарниот филм од 1999 година. Во тоа време, овој телефон чинеше 1.000 долари, а јавноста беше особено заинтересирана за механизмот на лизгање на мобилниот уред.

Новата верзија „8110 4G“ нема никакви значителни промени во однос на претходниот модел, исто како што беше случај со новиот модел на „Нокиа 3310“ кој беше лансиран минатата година.

Медиумите известуваат дека уредот има закривен дисплеј со 2.4 инчи, QVGA боја, задна камера и моќна батерија, како и популарната игра „Снејк“.