Иако кога се зборува за здрава исхрана за срцето и погодна за дијабетес, најчесто се мисли на на медитеранска, растителна или флекситарна диета или диета DASH, новата студија објавена во февруари 2022 година во списанието „Clinical Nutrition“ сугерира дека луѓето кои следат нордиска диета за само шест месеци можат да го намалат шеќерот во крвта и лошиот холестерол.

Што е нордиска диета?

Станува збор за термин кој настанал во 2012 година, а кој ја опишува типичната исхрана на жителите на Данска, Шведска, Норвешка, Финска, Гренланд, Фарските Острови и Исланд. Нивната исхрана промовира консумација на многу риба, јаткасти плодови, семиња и растителни масла. Тие исто така внесуваат млечни производи со малку маснотии, цели зрна и производи кои растат во региони со ладна до блага клима, вклучувајќи јаболка, грав, бобинки, зелка, кромид, грашок, круши, сливи и коренест зеленчук.

Докажано е дека ова мени го намалува ризикот од срцеви заболувања. Исто така, понекогаш се препорачува за слабеење бидејќи вклучува влакна, здрави масти и протеини со малку маснотии, кои предизвикуваат ситост.

Студијата анализирала 200 луѓе на возраст над 50 години, кои имаат висок индекс на телесни масти или страдаат од дебелина, како и зголемен ризик од дијабетес и срцеви заболувања. Истражувањето траело шест месеци, а научниците се надеваат дека ќе добијат шанса дополнително да ги истражат придобивките од здравите масти врз шеќерот и холестеролот во крвта.