„Денеска одбележуваме и славиме голем ден, 9 Мај, Ден на победата над фашизмот и Ден на Европа. Еден датум за два големи настани во историјата на Европа и на нашата земја Датум, впишан со златни букви во историјата на напредна Европа и на Европејците и датум за паметење на големото дело на борките и борците на партизанските единици од Народно ослободителната војна кои со двете заседанија на АСНОМ ја заокружија вековната борба и стремеж на македонскиот народ за своја самостојна држава“, со овие зборови, го започна своето обраќање премиерот Оливер Спасовски на свеченото одбележување на денешниот историски ден.

Потсетувајќи дека освен заедничката победа на прогресивните народи на Европа над фашизмот, денеска се одбележува значаен јубилеј – 70 години, од денот кога на 9-ти мај 1950 година, на предлог на францускиот министер за надворешни работи, Роберт Шуман, започна да се гради Европа, како опција за одржување на мирот.

„Седум години подоцна, шест европски земји ја основаа Европската економска заедница со Договорот од Рим и го отпочнаа процесот на европската интеграција, кој ќе биде крунисан со она што денеска претставува Европската Унија. Со идејата за Европската Унија лидерите на европските земји избраа дека сите разлики ќе ги решаваат на масата, а не на воените боишта“, нагласи премиерот Спасовски.

Осврнувајќи се на Втората светска војна на територијата на Македонија, која заврши со околу 25.000 загинати борци и цивилни жртви, нагласувајќи го заедништвото на сите етнички задници, припадничките и припадниците на партизанските единици на Народно-ослободителната борба, кои и за сметка на своите животи застанаа против фашистичките окупаторски сили, премиерот Спасовски рече:

„Македонската држава беше создадена како дом на слободата. Дом на изборот, дом на слободата на изразувањето и на слободната мислата. За сите нејзини граѓани без исклучок. Држава на сите и за сите. Дом каков што е денеска Европската Унија, како што е напредна и прогресивна Европа“, подвлече премиерот Спасовски.

Тој го истакна вистинскиот избор и на денешната генерација во нашата држава, која со определбата за членство во семејството на најмоќниот воено-безбедносен сојуз, НАТО и со определбата да стане дел од најмоќната економска заедница, Европската Унија, чекори кон посигурна, безбедна и просперитетна иднина за нашите млади и за сите наши идни генерации.

„Обединети и единствени во овој избор околу европските вредности, можеме да се соочиме со предизвиците на нашето време. Затоа во изминатите три години, после сите последни премрежија и искушенија, презедовме крупни, храбри чекори, да направиме од нашата држава европски дом за сите зашто Северна Македонија била и секогаш ќе биде Европа. Денеска, тоа е нашиот патриотизам“, рече премиерот Спасовски честитајќи го Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.

Упатувајќи честитки по повод 75-годишнината од Победата над фашизмот и Денот на Европа, претседателот на Сојузот на борците од НОАВМ и продолжувачите, Никола Стојановски оддаде признание на Владата на Република Северна Македонија за соработката и поддршката на Сојузот на борците, во овие како што рече, деликатни околности, кога европската и светската заедница се соочуваат со состојбата на пандемијата барајќи од сите, заедничка борба, солидарност и сојузништво.

„Произлезени како држава и нација низ вековната борба може да се согласиме дека ова се најтешки моменти после антифашистичката херојска борба, крунисана со АСНОМ-ските решенија, до конечната сојузничка победа на 9-ти мај 1945. По тој повод, ние, членовите на Сојузот на борците, учесници и продолжувачи на делото, симпатизери, членови на светската федерација на ветерани, на Антифашистичката федерација, ќе истакнеме, Да не се заборава историјата од вчера и денес, оти не чека нова. Утре“, истакна во своето обраќање Стојановски.

Тој подвлече дека одбележувањето на светлите датуми од Преродбата, од Илинден до Народноослободителната и антифашистичка борба, АСНОМ и победата, изградбата на државата, остануваат вечен завет.

„Денес, оддаваме почит кон жртвите и кон едно големо дело, нашиот пат, како АСНОМ-ски, со прогрес и поддршка на прогресивните идеи, за слобода, еднаквост и братство. Искажуваме целосна поддршка кон интегративните, флексибилните и демократски политики на Владата“, порача Николовски честитајќи го 9 Мај, Денот на Победата и Денот на Европа.

По повод денешниот ден, Владина делегација составена од вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска и вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, предводена од премиерот, Оливер Спасовски, заедно со делегација на Сојузот на борците на Народно-ослободителната антифашистичка војна, положија венци пред Споменикот на ослободителите на Скопје во дворот на Владата. А.Р.