Деновиве на полуизолација повторно покренаа лавина инспирација кај многу музичари, секој од нив се искажува на свој начин, а најкреативните секогаш знаат да го извадат и дадат најдоброто од себе.
Денеска, специјално за text.mk е снимен нов музички предизвик, имено познатиот битолски музичар, кантавтор и уметник Славчо Спировски Слав запеа за исто така познат музички битолски уметник.
Неговата изведба е да се охрабриме сите да издржиме во овие тешки времиња, а посветена е на неговиот музички другар Томче Јанкуловски Тома.
-Еве од мене за Тома, нека му е убав денот и ноќта. Битолчани знаат, каде  што сме јас и Тома, таму е и песната. Со Тома запеавме на “Гоце Фест”, песна во целосен македонски манир, “Мариово се зазори”. Битолчани добро не знаат, и мене и него. А тој е уште попознат и пошироко. Со неговиот прв другар Кире Котевски, учесникот на “Никад није касно”, заедно свиреа во метроа, вариетеа, циркуси, ронкали и барови низ Европа, и имаат многу приказни за раскажување.  Тома е студиски и џез музичар. Во Хераклеја има планинарски дом “Вила Тома”. Секогаш ангажиран во убави нешта, заслужи денес и јавно да му посветам свирка, ни рече Слав.
Навистина, впечатлив колегијален гест на добра волја, во ова време кога сите се напнати и често и без причина се задеваат и караат со свои колеги.
И двајцата се битолчани со традиција, ја негуваат градската култура во однесувањето и во уметноста.