Техничкиот премиер Оливер Спасовски на денешната прес конференција информираше дека Владата донела одлука за укинување на полицискиот час од утре, додека од четврток, 28 мај, почнуваат со работа и угостителските објекти по специјално определени протоколи.

Спасовски најави дека од први јуни се отвораат границите за македонските државјани, кои при влез во државата ќе мора да покажат ПЦР тест не постар од 72 часа. Се укинува државниот карантин и сите кои нема да покажат или направат тест ќе одат во самоизолација.

Има и посебни одлуки за претставниците на дипломатскиот кор, а со ПЦР тест сите ќе бидат ослободени од изолација.

Исто така престануваат да важат и мерките за рестрикции во работењето и работењето од дома, со што се отвора прашањето што со децата кои имаат потреба од родителска грижа. Спасовски кажа дека оваа одлука не се однесува на лицата со хронични заболувања и родители со деца до 10 години, се додека не се отворат градинките?!

Сепак, техничкиот премиер не даде конкретно решение за мајките кои се на породилно.

Н.Доковска