Министерстовото за здравство соопшти дека денеска е регистриран 21 оздравен пациент и тоа во Скопје 8, Куманово 6, Штип 1, Прилеп 2, Тетово 1, Велес 1, Кочани 1, Македонски Брод 1.

Во изминатите 24 часа, пак, се направени 185 тестирања, а потврдени се 8 нови случаи на КОВИД-19 и тоа во Скопје 3, Битола 1 и Велес 4.

Во ГОБ „8 септември“ почина пациентка од Тетово на возраст од 59 години која 15 дена била во тешка состојба и на респираторна машина.

Согласно ова, вкупната бројка на КОВИД дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1.526, бројката на оздравени пациенти е 1.013, на починати е 86, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 427. Во изминатото деноноќие се направени вкупно 185 теста.

Следната недела започнува скрининг тестирање за коронавирус. Ќе се опфатат лицата за коишто се смета дека се во критични категории, како здравствени работници, вработени во градинки, вработени во домови за згрижување на стари лица, припадници на полиција, возачи во ЈСП и таксисти, вработени во јавни служби (шалтерски работници), пациенти пред хоспитализација.

Скринингот ќе се прави со PCR тестови и ќе овозможи поквалитетна проценка за можноста за олабавување на рестриктивните мерки, но и значително ќе се зголеми бројот на тестови.

Во текот на следните денови ќе биде готов новиот алгоритам и ќе се дефинира таргетираниот број на тестови што ќе се прави дневно. Кластерите по возраст и хронични болести би биле опфатени со испитувања во понатамошниот период, за да се види прокуженоста на населението од овој вирус.

Матичните доктори ќе го добијат новиот алгоритам и преку „Мој Термин“ ќе закажуваат тестирање на одреден број лица според можностите на системот на дневна база. Брисевите ќе се земаат во постоечките пунктови и ќе ги транспортираат Центрите за јавно здравје во претходно одредени лаборатории.

Стратегијата на Министерството за здравство од почетокот на епидемијата беше да се тестираат пациенти со симптоми. Таа даде исклучително добри резултати без да ги оптовари капацитетите за тестирање и за хоспитализација, што беше наша примарна цел. Како што посочуваат од министерството за здравство, намалениот број на тестирања изминатите денови е доказ дека бројот на активни пациенти во нашата земја значително се намалува. А.Р.