Фото: Pixabay

Според Оксфам, 60 отсто од гладните во светот се жени и девојчиња. Три четвртини од сите влади планираат да ги намалат вложувањата во образованието и здравството.
Според извештајот „Опстанок на најбогатите“, кој хуманитарната организација Оксфам денеска го презентира на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија – за прв пат во последните 25 години истовремено растат екстремната сиромаштија и екстремното богатство.

Покрај тоа, големите компании и нивните сопственици профитираа од различните кризи. Така, од 2020 година, најбогатиот процент од човештвото имал вкупно 26 трилиони американски долари – а останатите 99 проценти располагале со 16 трилиони американски долари.

Во текот на изминатата година, богатството на милијардерите повторно „порасна“, особено поради „вртоглавите профити на компаниите за храна и енергија“. Меѓу нив има и 95 компании кои минатата година го зголемија својот профит повеќе од двојно.

Во Германија, 81 отсто од вкупниот раст на богатството остварен меѓу 2020 и 2021 година отиде кај најбогатиот процент од населението. А останатите 19 отсто од тоа зголемување на богатството одат на 99 отсто од германските граѓани.

Според Оксфам, најмалку 1,7 милијарди работници живеат во земји каде инфлацијата е повисока од растот на платите. Околу секој десетти човек во светот е гладен. Според Оксфам, 60 отсто од гладните во светот се жени и девојчиња.

Во исто време, три четвртини од сите влади планираат да ги намалат трошоците во јавниот сектор, како што се образованието и здравството.

Во овој контекст, организацијата ги повика владите да се спротивстават на овој тренд со даноци на вишокот профит и огромното богатство. Оксфам бара данок на вишокот профит од најмалку 50 отсто, бидејќи „претходните планови за оданочување на тие профитери од кризата пропаднаа“.

Приходите остварени на овој начин би требало да се инвестираат во подобрување на социјалната сигурност, образованието и здравството со цел борба против нееднаквоста и сиромаштијата.