Tемата за насилство врз жената е се почесто споменувана тема. Како правник, и Вие имате искуство со жени врз кои е извршено насилство. Веднаш на почеток, дало имаме доволно квалитетни закони кои ја штитат и се во интерес на жената?

-Насилството врз жената е доста експлоатирана тема, изготвени се и реализирани многу  проекти ,се донесе и Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство,  сепак насилството  не престанува, напротив е во пораст. Колку што ми е познато, во текот се подгтовки на ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и заштита од насилство врз жени и домашно насилство (Истанбулска конвенција) која ги третира низ повеќе одредби овие специјално насочени видови насилство кон жените и девојките, како и Усвојување на подобри политики и пракси за елиминација на насилството врз жените. Како тие ќе влијаат на спречување на насилството врз жената, останува да видиме , времето ќе покаже. Праксата во Македонија долги години е едно, а напишаното и примената на напишаното сосема друга работа.Сметам дека во секој случај е потребна опширна дебата во оптетсвото, како заради сензибилизација на мажите, кои апсолутно треба да бидат вклучени во овие процеси,( а не изолирани како досега) така и заради овозможување на што посоодветни решенија и мерки. Секоја личност која сака да допринесе кон кревање на јавната свест за овие прашања треба да биде адекватно прифатена, без оглед на нејзината стручности, инволвираност во темата или род..Постојано е присутна одбивност кон нови лица  и мислења , дури и во оваа област, па се се сведува на некои затворени кругови, кои не се Светот. Да не заборавиме дека тука се и Законот за семејство и Законот за социјална заштита, Уставот на Република Македонија како и меѓународното право за човекови права , Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација против жената, освен Истамбулската конвенција.

За што најчесто тужат жените жртви ? Дали за физичко или за психично насилство?

-Најчесто жените бараат адвокат , за совет или застапување, повеќе пати ми се чини тоа е само барање на поддршка од посилна личност  Ретко овие сличаи завршуваат со пријава..Насилството  е и физичко и психичко, а неретко се испреплетува и со сексуално, тие некако се неразделно поврзани, обично едното води кон другото, на пократок или подолг рок. Најстрашно е што жртвите  се жени кои немаат каде да одат, без соодветни приходи, со мали дечиња, во своето семејство не наоѓаат разбирање заради патријархални сваќања на родителите, па се присилени да го трпат товарот на – што си дробела тоа ќе сркаш. Семејството молчи, околината молчи, оправдувањето е- како да се мешаме во туѓи работи, ние утре ќе  бидем е виновни за растурање на семејството. А дали е тоа семејство и дали е соодветен дом за развој на децата? Сум доживеала да слушнам  и  таква стигма – самата е виновна или сака да јаде ќотек(што е неверојатно страшно!!, посебно кога такви коментари доаѓаат од жени). Да не заборавиме дека жртви на насилство не се само жени со низок степен на  образование.  Ми се чини се премолчува дека кај високо образованите жени, со исто такви партнери уште полоша е формата на насилство, зошто е потешко да се проговори заради статусот во општетвото., образованието, заради детето,неговата иднина, позицијата во општеството  и така натаму.

Се некако преовладува мислењето дека е жената е таа која е виновна за однесувањето на насилникот или што трпи. Насилтвото во физичка или психичка форма неретко се случува и врз децата. Може ли тоа дете да порасне во здрава и стабилана личност со самодоверба?

-Обично жените се решаваат да преземат чекор на заштита кога с е работи за физичко насилтво, кога станува збор за повеќекратно повторување на делото од сторителот, па дури и тогаш ретко доаѓа до кривична пријава, се се завршува со пријава и барање за опомена на сторителот..Мое лично размислување е дека во сооднос со пријавените случаи, четири пати повеќе воопшто не се пријавени. Конечно, не ретко жртвата и насилникот и остануваат да живеат заедно, а ретко кој од насилниците по посета на полиција за опомена се рехабилитира. Сметам дека треба да постои упатување во програм на рехабилитација на насилници, можеби дури и забрана за вршење на професија дејност или должност, ако професионално се занимава со некоја професија која на било кој начин допира јавно мислење и свест, не само парична казна.

Дали ја добиваат својата правдина?

-Знаете, можеме ние да говориме со недели и да разгледуваме случаи,  извештаи и статистики, дури и во ова интервју,  за тоа точно можете да пронајдете информации од невладините организации и мрежи, кои долги години се занимаваат со правата на жените, но факт е дека насилството не престанува и е во најразлични облици, дека трае и не е спречено.  Што се однесува до правдината, не сметам дека ја добиваат. Жената жртва на насилство прво поминува (ако се реши на тоа ) низ процес на пријава на СОС линиите на невладините организации, (а обично кога се јавува е истрауматизирана, не сака да зборува на телефон,,не сака да каже име, само бара некој да ја сослуша и насочи што понатаму) , потоа  таа наидува на повеќекратно виктимизирање и во институциите на системот, од пријава  во полиција, до испрашување пред лица од спротивен пол(на кој не му веруваат)  во детали за психичкото, физичкото и сексуалното насилство. Доста често се тоа лица кои се нестручни лица во таа насока, кои не составуваат службена белешка веднаш ни записник, кои потоа ја спроведуваат кај друг маж кој треба да состави записник каде повторно жртвата е принудена истата приказна да ја раскажува, дури и со барања во така истрауматизирана состојба да одлучи дали сака само опомена или кривина пријава, па се до посета во домот во доцни вечерни часови од група од тројца корпулентини полицајци во униформа кои треба да го опоменат насилникот, а излегуваат од домот на жртвата безмалку жалејќи го  својот природен сојузник- мажот.  Виктимизацијата се одвива во семејството,  пред институциите на системот, во соседството. Просто е неверојатно воопшто и кога ќе се реши било која жена да поднесе кривична пријава, кога знае низ што се поминала при опомените, а и кога ќе поднесе и покрај мерките на забрана насилникот повторно се заканува , ја следи или праќа други лица да ја следат, па живее во постојан страв. Исто така спорно е прашањето дали жената жртва на насилство треба да подесува пријава во своето родно место? Македонија е мал простор, сите се знаат помеѓу себе, посебно во малите градови. И тоа треба да се регулира, жената да има право на пријава в соседен град и на анонимност заради заштита на семејството и својот дигнитет.

Кога се споредува, велиме дека жената на Запад има многу поголема заштита од државата. Зошто кај нас е обратно?

-Можеби заради патријархалноста на општеството, ставовите дека жената треба да молчи, немањето на финансиски услови за самостоен живот и одбрана и заштита, гореопишаниот однос на институциите, немање на доволни Центри за прифаќање на жртвите и доволна помош на државата за поддршка на жртвите на насилство (барем 6 -12 месеци по насилството), неможноста од застапување (недостаток на финансии) пред судот, ангажирање адвокат и слично.  Адвокатите, треба да бидат соодветно обучени за да застапуваат вакви случаи, можеби дури и да поминат обука за полесно правење разлика за различни типови на насилство и за сочувство, односно правилен однос со жртвата. На пример, како да постапи еден адвокат/ка кога жената ќе му/и рече, добро јас ќе постапам така како што ме учите, а што ако ме убие, ме сретне на улица, ме претепа, повторно? Ако со ова што го велите и на кое имам право согласно Законот, го испровоцирам уште повеќе?

Кое насилство го разградува животот и мирот на една жена- физичкото или психичкото?

-Сите овие форми на насилство ја разградуваат како личност со достоинство, и ја уништуваат самодовербата, психичкото и физичкото здравје, ја онеспособуваат за социјален и општетствен живот и развој, за самостоен живот, ја фрлаат во маглина на – нема излез, не вредам ништо, неспособна е рационално да размислува, понекогаш неспособна да одлучува за основни секојдневни работи, а пред се заради тоа што станува заробеник на стравот .

Жената може да биде жртва на сопругот, на семејството, на мобинг на работно место… Кое е најлесниот начин и каде да се обрати за “прва правна помош”? Накусо, што треба да се менува во законите за жените да добијат поголема правна заштита, доколку се жртви?

-На ова прашање, во поголемиот дел  веќе одговорив погоре, можеби само мала дигресија во насока на мобинг на работно место. Не само на работно место, во политиката, медиумите, јавниот живот, во секоја насока е потребна револуција на свеста на жената дека она кое и се прави е недозволиво. Револуција на свеста и во насока на охрабрување на пријавување на насилство. Па видете, од не знам точно 24-27 министерски места само 3 се жени, од именувани нови функционери од Владата и директори на органи, државни управи и казнено-поправни установи што се во нејзина надлежност, само  Министерствата за здравство, финансии и животна средина, Агенцијата за вработување, Управата за културно наследство, како и КПУ Затворот во Струмица добија жени-функционерки. Во просек, на листата на функционери и директори се најдоа само 11,8 % односно 8 жени. Во парламентот има само 39 пратенички, а на министерско ниво се наоѓаат само четири жени.(извор Цивил- Центар за слобода и цивилмедиа.мк)

Има ли поголем доказ за положбата на жената во општеството  и нели е самиот овој факт насилство?

-Најнапред освен Истанбулската конвенција, процентот на жени до четврти ешалон  раководни позиции во јавните и држаните органи и служби треба да биде реално  50 проценти, за да било што позитивно се покрене и промени во општеството во ова насока.

Валентина Ѓоргиевска Парго


(Текстот е изработен во рамки на проектот на WWDP, „Не молчи, запри го насилството врз жените“)