Нов Зеланд во вторникот го одложи планираното отворање на меѓународната граница поради ширењето на омикрон низ светот, а неколку земји прибегнаа кон епидемиолошки мерки како одржување на физичка дистанца. Омикрон се шири особено брзо во Европа, САД и Азија.

Многу земји се во состојба на готовност пред прославите на Божиќ и Нова година, стравувајќи од повторен пораст на бројот на заразени, а покрај здравјето, разорно е и влијанието на пандемијата врз финансиските пазари и се стравува од глобално економско закрепнување.

Министерот за Ковид-19 на Нов Зеланд, Крис Хипкинс рече дека неговата земја го одложува отворањето на меѓународната граница до крајот на февруари поради опасноста од омикрон.

Во Индија, министерот за Њу Делхи, Арвинд Кејривал ги повика граѓаните да користат маски и побара од федералната влада дозвола да администрира трета доза од вакцината. Пријавени се 200 случаи на нова омикрон варијанта на коронавирусот SARS-CoV-2 во 15 индиски држави.

Министерството за здравство на Сингапур спроведува масовни тестови за да открие дали омикрон стои зад серија случаи на инфекција кои се случиле во една теретана.

Омикрон станува доминантна варијанта во САД од која невакциниран маж почина еден ден претходно во Тексас. Варијантата омикрон е одговорна за 73 отсто од новите инфекции во текот на викендот, соопшти американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ).

Како што расте бројот на случаи, градоначалничката на Вашингтон, Муриел Боузер во понеделникот повторно ја воведе обврската за носење маски во затворени простории до крајот на јануари и обврската за вакцинирање на сите вработени во јавниот сектор, вклучително и засилената доза на вакцината.

Во Њујорк, бројот на случаи на ковид-19 се зголеми за 60 отсто, а инфекцијата се забрзува низ североисточниот дел на САД. Њујорк три дена по ред бележи рекорден број на нови инфекции од почетокот на пандемијата.

Јужна Кореја, Холандија, Германија и Ирска повторно воведуваат целосно или делумно затворање и други заштитни мерки.

Израел сега ги стави САД на црната листа на земји од кои летовите се забранети, додека Кувајт бара задолжителна „засилена“ доза за сите странски патници доколку поминале повеќе од девет месеци од вакцинацијата.

Британскиот премиер Борис Џонсон во понеделникот рече дека ситуацијата е „многу тешка“ и дека владата ги разгледува сите опции, вклучително и ограничувањата на туризмот.

Во Австралија расте и бројот на омикрон инфекции, но мал е бројот на хоспитализирани. Премиерот Скот Морисон ги повика државните и териториските власти да не прибегнуваат кон нови мерки за затворање.

„Не се враќаме на затворање. Продолжуваме да живееме со вирусот, со здрав разум и одговорност“, рече Морисон.

Светската здравствена организација (СЗО) објави дека варијантата омикрон е пријавена во 89 земји и дека бројот на случаи се удвојува за 1,5 до три дена во областите на пренесување во заедницата. Досега, повеќе од 274 милиони луѓе се заразени со новиот коронавирус ширум светот од почетокот на пандемијата, а повеќе од 5,65 милиони луѓе починале.

Поради омикрон, Светскиот економски форум го одложи и годишниот собир во Давос, закажан за средината на јануари, до средината на 2022 година. А.Н.