Hands of the poor

На светот му се заканува глад од „библиски размери“ предизвикан од пандемијата со коронавирусот, предупредуваат Обединетите Нации.

Шефот на Светската програма за храна (WFP) Дејвид Бесли вели дека е неопходна итна акција за да се избегне катастрофа. Агенцијата на ОН во извештајот проценува дека бројот на луѓе кои гладуваат може скоро двојно да порасне, од 135 на повеќе од 250 милиони, пренесува „Би-би-си“.

Оние кои се под најголем ризик се во 10 земји погодени од конфликт, економска криза и климатски промени, велат од WFP.

Четвртиот годишен Глобален извештај за кризата со храна ги издвојува Јемен, Демократска Република Конго, Авганистан, Венецуела, Етиопија, Јужен Судан, Судан, Сирија, Нигерија и Хаити.

Во Јужен Судан 61% од населението беше погодено од кризата со храна минатата година, се вели во извештајот.

Дури и пред пандемијата, делови од Источна Африка и Јужна Азија веќе се соочуваа со сериозен недостиг на храна предизвикан од сушата и најлошите напади на скакулци со децении.

Обраќајќи се пред Советот за безбедност на ОН за време на видео конференцијата, г-дин Безли рече дека светот мора „ да дејствува мудро и да дејствува брзо“.

„Може да се соочиме со глад од библиски размери во рок од неколку месеци“, рече тој. „Вистината е дека времето не е на наша страна“.

Во повикот за акција, тој додаде: „Јас верувам дека со нашата експертиза и нашите партнерства, можеме да собереме тимови и програми потребни за да се осигураме дека пандемијата  со КОВИД-19 нема да стане катастрофа на човечки и прехранбени кризи“.

Вишиот економист на WFP, Ариф Хусеин, рече дека економското влијание на пандемијата е потенцијално катастрофално за милиони „кои веќе висат на конец“.

„Тоа е тежок удар за милиони луѓе кои ќеможе да јадат само ако заработат плата“, рече тој во изјавата.

„Затворањата и глобалната економска рецесија веќе ги зачнаа последиците. Потребно е само уште еден шок – како КОВИД-19 – да ги турне преку работ. Мораме колективно да дејствуваме сега за да го намалиме влијанието на оваа глобална катастрофа“.

Претходно овој месец, WFP соопшти дека е решена да ја преполови помошта за воените делови на Јемен, контролирани од Хути бунтовниците, поради финансиска криза. Во извештајот се вели дека некои донатори престанале да помагаат поради загриженоста дека испораките биле спречени од Хути силите.

WFP храни повеќе од 12 милиони Јеменци месечно, од кои 80% се во подрачјата контролирани од Хути силите.  Јемен го потврди својот прв случај на КОВИД-19 претходно овој месец, при што агенциите за помош предупредуваат дека болеста може брзо да ги сруши ослабените здравствени системи на земјата. А.Р.