Концентрациите на стакленички гасови достигнаа рекордни нивоа во 2020 година, објави во понеделник агенцијата на ОН Светска метеоролошка организација (СМО), предупредувајќи дека светот е далеку од постигнување на целите за ограничување на порастот на температурата.

Извештајот на Светската метеоролошка организација покажа дека нивото на јаглерод диоксид се зголемило на 413,2 делови на милион во 2020 година. Ова е поголем пораст од просечната стапка на раст во последната деценија, и покрај привремениот пад на емисиите за време на затворањето поради „Ковид-19“.

Шефот на споменатата агенција на ОН, Петери Таалас, рече дека споменатите бројки ќе доведат до зголемување на температурите „далеку над“ целта од Парискиот климатски договор во 2015 година, кој предвидува зголемување од 1,5 Целзиусови степени во однос на прединдустриските нивоа.

„Далеку сме од тоа. Треба да ги преиспитаме нашите индустриски, енергетски и транспортни системи и начинот на живот“,рече Таалас, повикувајќи на „драматично зголемување“ на обврските на конференцијата COP26 што започнува на 31-ви октомври.

Претставници од речиси 200 земји ќе се сретнат во Глазгов, Велика Британија за да разговараат за акцијата за борба против глобалното затоплување.

Годишниот извештај на СМО со седиште во Женева ја мери атмосферската концентрација на јаглерод диоксид, метан и азотен оксид, гасови кои ја загреваат планетата и предизвикуваат екстремни временски настани како топлотни бранови и обилни дождови.

Извештајот потврди дека економското забавување за време на пандемијата „немало видливо влијание врз атмосферските нивоа на стакленички гасови и нивната стапка на раст“. Се додава дека првите податоци покажуваат дека нивото на јаглерод диоксид, гасот што придонесува најмногу за затоплување, продолжил да расте во 2021 година. А.Р.