Сунчица Уневска

Во рамките на новиот проект „МАТРИЦА“ во текот на мај здружението „Аквариус“ ги одржа и предвидените работилници за филмска критика во Скопје, во Кинотеката на Македонија и во гимназијата „Георги Димитров“. Мора да кажеме дека целата оваа нова „авантура“ на „Аквариус“ имаше прекрасни резултати и покажа колку многу е потребна и недостига културата во нашата земја, покажа дека младите, впрочем како и секаде, ја сакаат културата и уметноста и умеат да го проценат нејзиното значење, дури и без оглед на очајната состојба кај нас, во која оние кои треба да имаат најмногу слух за тоа што значи културата и критичката мисла немаат воопшто, вклучувајќи ги тука без остаток и медиумите.

Но, за среќа, разбирање и чувство имаат професорите и знаат, исто така, колку тоа е важно за младите, трудејќи се и самите да придонесат онолку колку што можат. На крајот, некако само се наметнува прашањето, каква е таа средина и општествена констелација во која токму оние кои се на одговорни места, но и оние кои работат во медиумите, немаат речиси, воопшто, свест што значи за оваа генерација да расте без култура, без вредносни и културни критериуми и без вистински однос кон уметничкото дело и кон критичката мисла. А факт е, кој го потврдува историјата, дека токму културата е онаа која најдобро зборува за општеството и за неговиот развој, онаа која ги препознава суштинските елементи што го одредуваат мигот на живеењето, неговото минато, а уште повеќе и неговата иднина.

Но, за тоа толку. Да се вратиме на работилниците на кои запознавме прекрасни млади луѓе подготвени да гледаат филмови на еден поинаков начин од досегашниот и за нив да зборуваат токму во контекст на денешното живеење, нивното искуство и образование. Во тоа многу ни помогнаа професорките од гимназијата „Георги Димитров“, кои освен од нивното училиште поканија и неколку ученици од соседното средно училиште „Здравко Цветковски“. И во Скопје како и во Куманово го гледавме познатиот класик „Бунтовник без причина“ од 1955 година, во режија на Николас Реј, со големите актерски ѕвезди: Џемс Дин и Натали Вуд.

Беше навистина интересно да се види реакцијата на младите денеска на овој филм, кој на времето имал револуционерно значење, како во поглед на филмот, така и во поглед на културата, воопшто. Учениците беа неверојатно љубопитни и подготвени да направат осврти за делото, да ги кажат своите мислења и забелешки и со самото тоа да се направи одредена анализа, како на филмот, така секако и на времето во кое живееме. Бидејќи, овој класик потекнува од пред речиси 70 години и навистина е скапоцено, особено со оглед на денешната филмска понуда, да се гледаат филмови кои од денешен агол имаат трајни вредности и нудат една поинаква реалност. Но, и ги тераат младите поинаку да ги гледаат филмските дела, да размислуваат за нив, а секако, и генерално за уметничките дела.

 

Денеска, се чини, сè се сведе на продукција, мислејќи на уметноста воопшто, и тоа кај нас особено, а за неа нема критички суд или го има (како во поглед на филмот) многу малку. Замислете каков е тој свет во кој имате уметност, имате дела и никому ништо, никој не ги оценува, никој не ги вреднува, не ги става во никаков контекст, не ги анализира. Каква е таа културна средина, и како е можно било кој автор или генерација да се движи напред или да се надградува. Без критична мисла тоа е невозможно, а немањето критична мисла значи и немање ставови, а немањето ставови го сведува општеството на празна лушпа, во која можете да ставите што сакате, и онака тоа нема значење.

Токму затоа сметавме дека се многу важни овие работилници, кои би го надополниле, макар малку, она што недостига. А тоа е очигледно, бидејќи и самата уметност бара образование, и самото гледање и восприемање на уметничкото дело, па и на филмот (без оглед што е најпопуларна уметност) бара познавање. Да се прочитаат сите назнаки и конотации во едно дело бара начин на размислување, бара разговор, бара анализа на денешното време, но и на времето кога тој филм е направен. Не случајно овој филм добива митски статус, бидејќи тој успева да ја долови целата таа нова идеологија на младите генерации во 1950-тите, нивниот начин на однесување, нивниот поинаков стил на живеење, кога всушност, во тоа повоено време владеела голема доза на несигурност, на недостаток на морален компас, па дури и на хуманост. Младите во повозрасните ги гледале оние двојни стандарди, кои биле резултат на некои општоприфатени правила и малограѓанштина. Токму оттаму и бунтовноста, навидум безразложна, а во суштина резултат на чувството на несфатеност од страна на родителите.

Имал Николас Реј мноштво значења во филмот кои треба да се видат во поттекстот и во неговите метафори, за барањето на сопствениот идентитет, за општествената неприлагоденост, за емотивното и сексуално незадоволство, за стравот и неприпадноста и за уште многу нешта кои заедно со „бунтовноста без причина“ ќе го одбележат и тогашниот нов европски бран итн., итн. Но, за тоа е потребна ангажираност во културата и во образованието или со други зборови, кај нас, враќање на базата, бидејќи веќе одамна ја имаме заборавено.

Проектот е поддржан од Град Скопје.