Поради огромниот интерес за претставата “Оревокршачка” на мраз, која ќе се одржи на 4 декември од 20 часот, организаторите „Прагма Продукција“ се одлучија и за втора претстава. Македонската јавност има ретка можност да го види балетскиот спектакл, претставата “Оревокршачка” на мраз, во изведба на државниот балет на мраз од Санкт Петербург, Русија.

Закажаната претстава на 4 декември во 20 часот е веќе распродадена и поради големиот интерес закажана е уште една, на истиот датум со почеток во 22 часот, во Македонската Опера и Балет.

Спојот на балетската уметност и најелегантниот спорт – уметничкото лизгање е програмската цел на Државниот Балет на Мраз од Санкт Петербург, Русија, кој е основан во 1967 година од страна на истакнатиот балетски кореограф Константин Бојарски. Музички директор и коосновач на оваа балетска куќа е Лео Коркин – познат руски диригент.

Балетот на својот репертоар ги има познатите балети на Петар И. Чајковски – „Заспаната убавица“, „Лебедово езеро“ и „Оревокршачка“, како и балетите „Ромео и Јулија“ и „Пепелашка“ од Сергеј Прокофјев.

Билетите за втората закажана претстава на овој балетски спектакл на мраз – “Оревокршачка на мраз” може да се набават преку продажната мрежа на “КупиКартиЗаСе” низ цела Македонија, во “Пола Југотон”, “Југотон”, Цвеќара “Розе” – Веро 2, како и онлајн на www.kupikartizase.com.