Даниел Калуа, Ентони Хопкинс и Клои Зао Фото Reuters

Оскарот за најдобар филм и припадна на драмата на Клои Зао „Земја на номади“, што и донесе награда и на главната актерка Франсис Мекдорманд, а Оскарот за најдобра машка улога го доби Ентони Хопкинс за улогата во филмот „Татко.

„Земја на номади“, филм за Американците кои живеат во комбиња по глобалната финансиска криза освои три Оскари – за најдобар филм, режисер и главна женска улога, од вкупно шест номинации. Тој беше номиниран и во категориите адаптирано сценарио, фотографија и монтажа. Филмот се базира на книгата на Џесика Брудер од 2017 година, а заедно со Франсис Мекдорманд, во филмот се појавуваат и вистински номади во споредни улоги.

Исто така, номинирани за најдобар филм беа „Татко“, приказна за ќерка во посета на татко со деменција, биографската драма „Јуда и црниот месија“, биографскиот филм за сценаристот Херман Манкиевич „Манк“, приказната за имигрантите од Јужна Кореја во САД „Минари“, филмот за девојка која бара одмазда за смртта на пријателка, жртва на силување „Девојка која ветува“, филмот за глув тапанар „Звукот на металот“ и судската драма за група демонстранти против виетнамската војна обвинети за поттикнување на бунт „Седуммината од Чикаго“.

Франсис Мекдорманд го доби Оскарот за улогата на Ферн, вдовица која ја изгубила работата по економската рецесија и решила да го продаде својот имот и да купи комбе во кое ќе живее и ќе бара работа.

„Немам зборови“, рече Мекдорманд, заблагодарувајќи се за наградата. „Мојот глас е мојот меч. Знаеме дека мечот е наша работа. И ја сакам мојата работа“, додаде таа, потсетувајќи на реплика од филмот.

За Мекдорманд, ова е трет актерски Оскар, по оние за „Фарго“ (1997) и „Три постери надвор од градот“ (2018).

Исто така, номинирани беа Виола Дејвис за улогата на блуз-пејачката Ма Рајни во „Ма Рејни, мајка на блузот“, Андра Деј за улогата на Били Холидеј во „Соединетите држави против Били Холидеј“, Ванеса Кирби за улогата во „Фрагменти на жена“, и Кери Мулиган за улогата на поранешен студент по медицина во филмот „Девојка што ветува“.

Ентони Хопкинс доби Оскар за главна машка улога за неговата улога во филмот „Татко“, во кој го игра Ентони, човек кој се бори со деменција кого го посетува неговата ќерка Ана, која ја игра Оливија Колман.

За 83-годишниот Хопкинс ова е вториот Оскар, по оној што го освои во 1992 година за улогата на Ханибал Лектор во филмот „Кога јагнињата ќе стивнат“. Тој беше номиниран вкупно шест пати – четири пати за главна улога и двапати за споредна улога. Со овој Оскар, Хопкинс, кој не присуствуваше на церемонијата на доделување на наградите во неделата, стана најстариот актер што ја освоил оваа награда.

Филмот „Татко“ ја освои наградата во категоријата најдобро адаптирано сценарио, и беше номиниран во категориите најдобар филм, споредна женска улога (Оливија Колман), монтажа и сценографија.

Исто така, номинирани за најдобра главна машка улога беа Риз Ахмед за улогата на тапанар кој го губи слухот во „Звукот на металот“, Чадвик Босеман за улогата на трубачот Леви Грин во „Ма Рејни, мајка на блузот“, Гери Олдман за улогата на сценаристот Херман Манкиевич во биографскиот „Манк“ и Стивен Јун за улогата во „Минари“.  А.Р.