Оливер Стоун, еден од најмаркантните, но и најконтроверзни режисери, кој изврши огромно влијание со своите филмови во изминатите децении, пристигна на 23. Филмски фестивал во Сараево. Седумдесетгодишниот Стоун има освоено три „Оскари“, и тоа за режијата на култните филмови, и двата за Виетнам: „Вод“ и „Роден на 4 јули“, како и за сценариото за филмот „Полноќен експрес“ во режија на Ален Паркер, кој направи вистински бум на почетокот на 1980-тите години.

Оливер Стоун отсекогаш ја изненадуваше и одушевуваше публиката, но и беше предводник во третирањето на многу теми, тогаш кога никој не се осмелуваше да зборува за тие работи. Тој е дефинитивно е еден од највлијателните и најжестоките критичари. „Вод“ во 1986 година беше неговото вистинско огнено крштевање, особено што и самиот Стоун е учесник во Виетнамската војна, два пати рануван и одликуван. Токму затоа „Вод“ донесе еден сосем поинаков поглед, кој и до денес не загуби ништо од својата актуелност. Познат како „Вод на смртта“, овој филм понесе осум номинации, а освои четири „Оскари“, освен оној за режија, тој беше прогласен и за најдобар филм во 1987 година, а ги освои наградите и за најдобар звук и најдобра монтажа.

Тој го потпишува сценариото и за ненадминатиот „Скарфејс“ на Брајан де Палма, еден од оние филмови кој нема да добие ни номинација за „Оскар“, ни награда, но е дефинитивно еден од вистинските класици на седмата уметност. Неговиот „Полноќен експрес“ донесе многу контроверзии, особено што овој филм е правен според вистинска приказна, но Стоун успеа да донесе и многу повеќе од голите факти.

„Родени убијци“, пак, се чини дека е предводник на многу актуелните „насилни и крвави“ филмови последниве години. Интересно е дека зад приказната стои никој друг, туку Квентин Тарантино. „Родени убијци“ предизвика многу контроверзии, но Стоун без никакви предрасуди ќе се занима со темата за жртвите на семејното насилство и психопатологијата кои ќе претворат една љубовна двојка  во масовни убијци, во што многу ќе помогне „глорифицирањето“ од страна на медиумите.

Стоун како ретко кој има правено филмови за Гордон Геко во силната критика на американскиот капитализам „Волстрит“, потоа за американските претседатели Никсон и Буш, неколку документарци за Фидел Кастро, како и за Хуго Чавез, но и за еден од највлијателните рок-бендови во 1960-тите, „Дорс“ и нивниот фронтмен, Џим Морисон. Во Сараево ќе може да се види неговото четиричасовно интервју со Путин, но и приказната за „Сноуден“.

Американскиот режисер на кого во Сараево му беше врачено „Срцето на Сараево“, беше дочекан и испратен со стоечки овации и аплаузи. „Слушнав дека наградата ’Почесно Срце на Сараево‘ ги претставува чувствата на луѓето во оваа земја и многу сум горд што ќе ја добијам“, изјави Стоун при влегувањето во преполното летно кино „Металец“, кое собира илјада посетители.

Oliver Stoun vo Saraevo„Чест ми е што ја примам оваа награда бидејќи знам дека овој град има срце. Во Сараево бев првпат во 2000 година и слушнав многу приказни за него. Враќањето во Сараево ми значи многу, а особено кога гледам колку многу градот напредувал. Должност на сите нас е да ги потсетуваме младите генерации на она што се случувало во војната и дека тоа не смее да се повтори. Мислам дека ова е особено важно да се потенцира денеска, кога во светот се зборуваат работи кои носат многу зло. Сите мораме да бидеме свесни што таквите говори можат да донесат“, изјави Оливер Стоун откако директорот на фестивалот, Мирсад Пуриватра, му ја врачи наградата.

Доаѓањето на Оливер Стоун привлече големо внимание и еуфорија кога се појави ненајавен и на црвениот килим пред Народно позориште. Запрашан за интервјуто со Путин, кое предизвикува интерес насекаде во светот, тој одговори дека негова цел била да работи на мирот помеѓу двете земји. „Сакав Американците да слушнат и да разберат што зборува Путин, бидејќи тој не му е претставен на Западот на правиот начин. Тешко е да се допре до западно-американскиот ум“, додаде тој. Додека за американскиот претседател Трамп рече дека сите знаеме кој е претседател на САД, како се однесува и што прави.

На прашањето зошто секогаш се занимава со општествено ангажирани теми, тој рече дека е така воспитан и научен, секогаш да трага и да ја бара вистината. А на провокативното прашање од која земја мисли дека денеска на светот му се заканува поголема опасност, Стоун одговори дека ова се нервозни времиња и ќе видиме што ќе биде.

Во 1986 година Стоун го направи филмот „Салвадор“, кој силно одекна во светот, во кој остро ја критикуваше американската политика и нејзиниот ангажман во Централна Америка. Во текот на целиот свој опус тој е доследен на самиот себе. Меѓу последните негови ангажмани е и големата телевизиска серија „Нераскажаната историја на САД“ осврнувајќи се на онаа „вкоренета“, триумфална и самозадоволна интерпретација на американската историја, останувајќи нејзиниот најсилен критичар.

Сунчица Уневска