Трката на „Медена земја“ до „златното момче“ – наградата Оскар се ближи кон завршница, па в недела во Долби театарот во Холивуд на 92. Доделување на престижните филмски награди, ќе дојде крај на неизвесноста дали екипата на македонскиот документарец ќе се врати дома со уште една (или две) награди во низата која ја започна на премиерата на Филмскиот фестивал „Санденс“ минатата година.

Медиумскиот интерес околу документарецот на режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска не стивнува уште од фестивалот „Санденс“ од каде си замина како најнаградуван филм, со дури три награди (Најдобар документарен филм, Најдобра фотографија и Специјална награда на жирито). Оттогаш „Медена земја“ освои 30-тина награди на престижни фестивали ширум светот: Док Авив – Најдобар филм, Докс Барселона – Најдобар документарен филм, Cinema Eye Honors, Critic’s Choice наградите за документарци, награда на New York Film Critics Circle, а последна во низата беше наградата за најдобра кинематографија за документарен филм за Самир Љума и Фејми Даут, на 34-тото доделување на наградите на Асоцијата на кинематографери на Америка.

Критиката е поделена околу наградите кои „Медена земја“ треба да ги освои, па така „Њујорк тајмс“ прогнозира дека иако филмот за пчеларката од Северна Македонија импресионира со двојната номинација за Оскар, сепак фаворит во категоријата најдобар документарец е „Американска фабрика“. Авторот Кајл Бјукенан предвидува Оскар за оваа хроника за културниот судир меѓу кинеските индустријалци и американските работници, која има силна поддршка и од поранешниот претседателски пар Барак и Мишел Обама. Од друга страна, британски „Гардијан“ токму „Медена земја“ ја гледа како победник во категоријата за најдобар документарец, а според авторот Питер Бредшо во категоријата за најдобар меѓународен филм ќе победи „Паразит“, јужнокорејскиот добитник на Златната палма во Кан.

На годинашнотото доделување на Оскарите по бројот на номинации предничи трилер драмата „Џокер“ со дури 11, а ќе се натпреварува со уште осум филмови во категоријата за најдобар филм за 2019 година. Сериозна конкуренција има во воената драма на британскиот режисер Сем Мендес „1917“, која неодамна ја освои БАФТА наградата во истата категорија. Од поединечните признанија – според критиката скоро загарантирана е победата на Рене Зелвегер и Жоакин Феникс во категориите за најдобри актери, Лораа Дерн и Бред Пит за најдобри споредни актери, Мартин Скорсезе за најдобар режисер.

Дури и ако не донесе дома статуетка со „златното момче“ „Медена земја“ веќе се впиша во филмската историја како прв македонски филм во двојна трка за Оскар, но и како прв филм кој истовремено е номиниран за две награди на Академијата, за најдобар документарен филм и за најдобар меѓународен филм (претходно најдобар филм од неанглиско подрачје). Документарци досега биле номинирани за најдобар меѓународен филм само неколку пати, а ова е прв пат досега еден филм да е номиниран за овие две награди.

Еден од најголемите документарни хитови, како што дел од филмската критика го нарекува, успехот го должи во најголем дел на главниот лик Атиџе Муратова, скромната медарка која низ својата животна приказна се чини во вистински момент на глобална климатска, морална, економска деградација, на светот му го предочи темелниот проблем на човековиот однос кон природата.

Атиџе ја освојува публиката каде и да се појави, од филмското платно, до проекциите како таа во Њујорк каде со песна ги одушеви присутните. Првично презентиран како еколошка приказна за грижата кон природните добра во земјава, филмот кој екипата на Стефанов и Котевска во оддалеченото село Бекирлија го снимаа цели три години, одекнува со пораката која ја испраќа главната хероина: „Пола од медот земаш, пола оставаш за пчелите“. Животот на Атиџе и нејзината болна мајка, во хармонија со природата, почитувајќи ги правилата на занаетот наследен со поколенија, пристапувајќи им на пчелите со многу љубов и почит, пеејќи и разговарајќи со нив, е пореметен од новодојдените соседи кои се водени од желбата за брза заработувачка, закана за кревката рамнотежа на екосистемот. Филмот е „гозба за сетилата…која говори за духот кој глобално изумира“ како што го отслика критиката на „Њујорк тајмс“ и „Вараети“, според која се најде меѓу најдобрите 10 филмови за 2019 година,  остварува значаен успех и на кино благајните во светот.

Надежите за барем една статуетка ги подгрева и широката поддршка на филмот која постојано пристига. Така, авторите на филмот на официјалната фесјбук страна споделија коментари од познати личности од САД кои го споменуваат филмот „Медена земја“ на своите профили на социјалните мрежи.

„Благодарни сме им ним и на сите други за поддршката и за убавите зборови. На фотографиите прочитајте што кажаа за филмот: Даниел Заичик, музичар и композитор; Адам Кантор, актер и пејач, познат по своите улоги на „Бродвеј“; Едгар Рајт, режисер, сценарист и продуцент; Џејми Ли Кертис, актерка и писателка; Фил Лорд, режисер и сценарист; Ан Томсон, новинарка и уредничка во „Инди Вајр“; Мајк Бербиглија, комичар, сценарист и режисер; Зак Шарф, новинар; Лаура Дерн, актерка, режисерка и продуцентка, Сара Џесика Паркер, актерка и Марк Дуплес, актер, режисер и музичар.“, вели тимот на „Медена земја“.

Навраќајќи се на девизата на главната хероина, „половина за нас, половина за нив“, со нетрпение го чекаме исходот од 92. издание на Оскарите и импресиите со кои Атиџе ќе се врати во „медената земја“. А.Р.