Дел од Осоговските Планини се прогласени за заштитено подрачје во категорија V – заштитен предел, заради разновидноста и богатството на биодиверзитетот, геодиверзитетот, хидролошките карактеристики, пејзажните, пределните и други вредности, природни убавини, како и заради зачувување на специфичната интеракција на луѓето и природата, со одлука на владата на денешната седница, информираше Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Вкупната површина на Заштитен предел – Осоговски Планини изнесува 48807.16 хектари, a ќе управува Јавното претпријатие за стопанисување со државни шуми „Национални шуми“ со потполна одговорност – Скопје.

На оваа Седница, Владата донесе и Одлука за прифатливоста на предлогот за прогласување на локалитетот Студенчишко блато за заштитено подрачје во категоријата парк на природа и Одлука за прифатливоста на предлогот за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје во категоријата заштитен предел, со што МЖСПП ќе може да ги започне постапките за прогласување согласно законските процедури.

Владата го разгледала и прифатила апликационото досие (РИС) за номинирање на Охридско Езеро за Рамсар место во Светската Рамсар Листа. Со тоа, Министерство за надворешни работи во соработка со Министерство за животна средина и просторно планирање ќе може да ја започне постапката и да го достави апликационото досие (РИС) за номинирање на Охридско Eзеро за Рамсар место во Светската Рамсар Листа до Секретаријатот на Рамсараска конвенција до крајот на оваа година. Со оваа одлука на Влада, нашата држава го добива третото Рамсар подрачје. А.Р.

 

Текстот е дел од проектот ЕКО Едукација за новинари“, поддржан од Министерството за животна средина и просторно планирање