Осум специјалисти од приватните болници ќе бидат на располагање во ист систем на ротација во рамки на клиниките во Скопје, соопшти министерот за здравство Венко Филипче денеска при посетата на геронтолошкиот завод „13 Ноември“ каде во тек е процес на имунизација на приоритетните групи.

Ова, како што рече било договорено на состанокот со медицинските директори на трите приватни болници „Ремедика“, „Жан Митрев“ и „Систина“, при што се разговарало и за намалување на цените на здравствените услуги поради кризата и пандемијата.

-Вчера имав состанок со медицинските директори на трите приватни болници, „Ремедика“, каде што не се лечат ковид-пациенти, клиниката „Жан Митрев“ и „Аџибадем Систина“. Прво зборувавме за кадарот, веќе од утре треба да бидат на располагање и тоа пет лекари од „Систина“, двајца од „Ремедика“, и веројатно еден од „Жан Митрев, иако првичната најава беше дека голем дел се на боледување, сепак рекоа дека еден лекар ќе биде на располагање. Овие лекари-специјалисти ќе бидат вклучени во ковид центрите и распоредени според системот на ротации. Втората тема за која разговаравме беа цените на здравствените услуги и иако апелирав тоа да се направи заради тоа што е криза и пандемија, доктор Жан Митрев изрази спремност и рече дека денеска ќе потврди дали ќе ги намали цените за одреден процент, а од „Систина“ јасно ми кажаа дека тоа не можат да го направат заради тоа што немале економска логика – рече Филипче.

Формално правно, како што посочи министерот Филипче, одговарајќи на новинарско прашање, нема механизам ниту во криза да се интервенира врз цените на здравствените услуги кај приватните болници. Во врска со цените на лековите тој посочи дека може да се врши ревизија само на оние кои се на позитивната листа.

-Можеме да интервенираме во делот на тоа што ни нуди законот, а тоа е интервенција во цената, ревизија на сите лекови кои се на позитивната листа. Тие што се купуваат на приватно навистина немаме механизам како да ги контролираме- појасни тој.

Во Геронтолошкиот завод 13 ноември вакцинацијата се одвива со добро темпо, рече Филипче, додавајќи дека во двата дома „Сју Рајдер“ веќе завршена е вакцинацијата, 10 луѓе од 60 во Битола се вакцинирани, 22 од 60 во Скопје и во центарот за сместување на стари лица „Мајка Тереза“ 22 од 50 вкупно сместени корисници.

Системот на другите вакцинални пунктови низ државата продолжува и според планираното денеска се опфатени припадниците на Армијата и наставниците од прво до трето одделение.

-Огромен процент и од здравствените работници веќе се вакцинирани, близу 90 и тоа беше дел од стратегијата заради тоа што овие здравствени работници навистина треба да се заштитени, прво да бидат заштитени самите тие, а второ да ги штитат и постарите сместени луѓе. Ги чекаме списоците од останатите центри за згрижување на постари лица од другите градови Куманово, Прилеп, Берово, и согласно динамиката таму ќе продолжи вакцинацијата на сместените корисници. Во меѓувреме останатиот дел од системот добро функционира и денеска продолжува вакцинацијата ширум пунктовите во државата. Во сала Борис Трајковски дел од припадниците на Армијата и наставничките од прво до трето одделение сега во овој момент е вакцинацијата – соопшти министерот за здравство Филипче.

Како што рече, доколку некој сака, а го пропуштил редот за вакцинација, сигурно ќе биде земен предвид, но битно е да се знае дека како што ќе доаѓаат вакцините и со поагресивна кампања ќе се повикува на што помасовна имунизација.  А.Р.