четврток, април 25, 2024
домаЖивотЗдравјеОткриени уште два лека за намалување смртност од ковид кај тешки клинички...

Откриени уште два лека за намалување смртност од ковид кај тешки клинички слики

Откриени се уште два лека кои можат да ја намалат смртноста за една четвртина кај пациенти со сериозна клиничка слика на ковид-19. Антивоспалителни лекови, дадени интравенски, можат да го спасат секој 12-ти пациент, велат истражувачите кои ја спроведоа студијата во единиците за интензивна нега во Велика Британија, пренесува „Би-би-си“.

Набавката на овие лекови е веќе достапна низ целото Велика Британија, така што нивната употреба може да започне веднаш, посочуваат експертите.

Во моментот во британските болници има над 30 000 пациенти со ковид, што е за 39 проценти повеќе отколку во април.

Владата на Велика Британија работи тесно со производителот за да се осигура дека тоцилизумаб и сарилумаб остануваат достапни на пациентите. Покрај спасувањето животи, терапијата со овие лекови го забрзува закрепнувањето на пациентот и го намалува времето што критично болните го поминуваат во единиците за интензивна нега за околу една недела.

Се чини дека и двата лека работат подеднакво ефикасно и се дополнителна корист со веќе пронајдениот и поевтин дексаметазон.

– На секои 12 пациенти кои ги лекувате со оваа терапија, може да очекувате да спасите еден живот. Тоа е голем ефект! – рече водечкиот истражувач проф. Ентони Гордон од Империал колеџот во Лондон.

Професорот Стивен Повис, национален медицински директор на Националната служба за јавно здравје, вели дека оваа вест е повеќе од добредојдена.

– Факт е дека сега постои уште еден лек што може да помогне во намалувањето на смртноста на пациентите со ковид. Ова е уште еден позитивен развој во континуираната борба против вирусот – посочи тој.

Споменатите лекови имаат за цел да го намалат воспалението, кое кај пациенти со ковид може да прерасне во прекумерно, односно да предизвика т.н. цитокинска бура што може да биде погубно.

На лекарите им се препорачува да ја користат оваа терапија кај секој пациент со кавид, и покрај тоа што прима дексаметазон, кому состојбата му се влошува и му треба интензивна нега.

Наодите од истражувањето кое го пренесува „Би-Би-Си“ сè уште не се рецензирани ниту се објавени во некое медицинско списание. А.Н.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ