Информацијата од Бугарија што преку соопштение ја сподели обвинителството на Бургас, се вели дека во проверените контејнери со отпад немало радиоактивен отпад, но дека поднесената декларација за содржината во контејнерите не е соодветна со реалноста. Во соопштението, меѓу другото се потсетува дека „рафинираното производство е донесено до пристаништето на Бургас во 20 контејнери за отпад. Отпадот бил транспортиран на 5 септември 2019 година, со режим на време на складирање до 90 дена“. Според документите, тој бил деклариран како отпад од пластика и каучук. Испраќачот на контејнерот е италијанска компанија со седиште во Авелино, Италија. Примател на товарот е бугарската трговска компанија „Блацион“  со седиште и адреса од Софија. Со него, колку за потсетување, управува Блаже Игнатовски, граѓанин на Република Северна Македонија, а дел од сопствеништвото има и штотуку сменетиот директор на скопската депонија „Дрисла“, Горан Ангелов.

Обвинителот Чинев информира дека во контејнерите се најдени отпадоци од хартија, метал и текстил, и тоа не е содржината на отпадот што се наоѓала на декларацијата.

Настрана етиката, да бидеш назначен за директор на најголемета компанија во една држава, а да го „тераш истиот бизнис“ со странските партнери од домицилната држава во трета, е навистина далеку од професионално. Во некои компании менаџерите дури и потпишуваат документ во кој се забранува 1-2 години по завршување на работниот однос лицето не смее да работи во истата сфера во друга, конкурентна компанија. А, „нашиов“ директор не чекал ни да му заврши работниот статус во фирмата, туку користејќи ги врските и линковите со Италијанците како менаџер во најголемата македонска депонија, си отворил фирма во соседна Бугарија и си терал бизнис. Прашање е и како успеал и тука и таму да биде успешен? Ако се знае кој профит му носел таму бизнисот повеќе од јасно е за каде повеќе се залагал…И, она што е најважно кој може со сигурност да докаже дека некој од контејнерите не успеал да ги донесе и во Дрисла?

А, се почна откако возен конвој бил пресретнат на станицата Леко, во близина на Милано, од каде товарот требал да замине за Бугарија. Вагоните биле преполни со отпад од веќе третирани пластични производи. Во пракса, овие се крајни производи од активности за третман на пластика, а не, како што е наведено во документите за извоз, пластичен отпад што допрва треба да се третира.

Отпадот требало да стигне до Бугарија преку Словенија и Хрватска, со услов дека се работи за материјали што треба да се третираат. Според карабинерите на единицата за животна средина под раководство на потполковник Масимилијано Корсано, сето тоа е направено за да се заобиколат нормите и незаконски  да се топи отпадот во Бугарија. Меѓу балите, практично немало што да се третира, објави Новини.бг.

Истрагата е започната по сигналот од Царинската агенција во Леко. Така започнал увидот на вагоните подготвени за заминување, по што била распишана потерница од судија од Милано. Истрагата треба да утврди кој ја организирал пратката на отпадот, за кого била наменета, а особено потеклото на пластичниот отпад. Првите претпоставки се отпад од компании од Централна и Северна Италија. Анализирана е и документацијата. Меѓу балите се пронајдени материјали од пластика, гума, текстил, тетрапак, мешано ѓубре и друго.

Според истражителите, како и во други случаи, најверојатно е дека нелегалните пратки со нелегален третман се испраќаат во странство од нелегални организации. Сомнежот е дека штом пристигнале во Бугарија, отпадот веројатно требало да се напушти или да се депонира во депониите без да се придржуваат кон еколошките стандарди. Италијанските медиуми кои ја третираат оваа тема, тврдат дека во целата оваа афера е вмешана сицилијанската мафија, која ткако го загубила пазарот во Кина, се свртила кон Балканот. Таргет земји и биле Бугарија и Романија…

Ангелов заминува од првата фотеља на Дрисла, а дали ќе седне на обвинителното столче во Софија, останува да видиме. Таму се уште се испитува содржината на контејнерите, од кои, како што информираат бугарските медиуми, се има расфрлано отпад и во други градови низ соседна Бугарија. И најавуваат дека ќе бараат помош од нас,  доколку актуелните сопственици на компанијата увозник доброволно не се јават на повикот за распит.

А, веројатно јавното обвинителство и кај нас ќе се заинтересира за работата на Ангелов. Според информациите што ги објави Радио Слободна Европа, од 2012 до 2014 година во земјава биле увезени над осум милиони и 200 илјади тони отпад, што е значително повеќе во однос на увезените количини во претходните години и годините потоа. Истовремено, податоците покажуваат дека земјата во просек годишно произведува од 700 до 800 тони комунален отпад, а на пример во 2016-та компаниите во земјава создале помалку од два милиони тони индустриски отпад.

Н. Доковска