Пандемијата на корона вирусот ги влоши страдањата на луѓето што бегаат од војна, конфликт и прогон, додека државите се борат да ги заштитат своите популации и економии, на основните норми за бегалски и човекови права им се заканува опасност, соопшти УНХЦР.

„На испит се клучните принципи за заштита на бегалците, но на луѓето принудени да избегаат од конфликт и прогон не треба да им се одземе безбедноста и заштитата под изговор за реагирање на вирусот и не треба да бидат последица на таквата реакција“, рече Филипо Гранди, висок комесар на ОН за бегалци.

Обезбедување на јавното здравје и заштитата на бегалците не се исклучуваат едни со други, рече тој, додавајќи дека одамна признатите закони за бегалци, може да се почитуваат и во ситуации кога владите донесуваат строги мерки за заштита на јавното здравје, вклучително и мерките преземени на границите.

УНХЦР проценува дека 167 земји досега целосно или делумно ги затвориле своите граници за да спречат ширење на вирусот, при што најмалку 57 земји не прават исклучок кога станува збор за барателите на азил.

Додека војните и насилството продолжуваат во многу делови на светот, ваквите мерки практично го суспендираат правото на луѓето да бараат азил. Оние кои бараат безбедност и засолниште се одбиени на копнените граници или на море и се враќаат или префрлаат во други земји каде постои сериозна закана за нивниот живот или слобода.

УНХЦР ги повикува државите да управуваат со граничните рестрикции на начин што исто така обезбедува почитување на меѓународните стандарди за човекови права и заштита на бегалците, вклучително и преку карантин и здравствени прегледи.

Додека пристапите можат да се прилагодат на денешната реалност, правото на азил може и мора да се почитува дури и за време на оваа глобална криза по јавното здравје, рече Гранди.

Во спротивно, се заканува да ги поткопа принципите, законите и политиките на човековите права клучни за заштита на бегалците во очајна потреба од безбедност, за чие повторно воспоставување ќе бидат потребни многу години, рече тој. А.Р.