Пандемија означува ширење на заразна болест во широки географски региони, во континентални или глобални рамки. За разлика од епидемии, пандемиите не се локално ограничени.

Кај болести на животните се користи терминот Панзоотија.

Дури и во случај на пандемија, постојат области кои не се зафатени од заразната болест: од инфекции може да бидат поштедени оддалечени области, некои планински долини или осамени луѓе на островите.

Терминот пандемија е изведен од античкиот грчки збор пан – „сè“ и демос – „народ“, па затоа е настан што ги погодува сите припадници на народот.

Досегашни пандемии: Х1Н1 (2009), ХИВ (1981), шпански грип (1918), сипаници (1870) и чума (1347).

Пандемијата не е поврзана со сериозноста на болеста или стапката на смртност, туку со нејзиното географско ширење. Според Светската здравствена организација, пандемија се прогласува кога нова болест, за која популацијата не развила имунитет, почнува брзо да се шири низ целиот свет.

За епидемијата да премине во пандемија, мора да се случи втор бран на зараза. На пример, турист кој се заразил во Кина и добил симптоми во друга земја не спаѓа во категоријата на можна пандемија. Меѓутоа, ако вирусот почне да се шири во некоја земја помеѓу луѓе кои не биле во Кина или во контакт со некој кој патувал во таа земја, тогаш се работи за матично ширење кое може да се прогласи за пандемија.

Кога е прогласена пандемија, тоа значи дека заразата веројатно ќе се шири во други заедници и владите и здравствените системи мора да бидат подготвени за таква вонредна состојба.

Епидемијата, од друга страна, е рапидно зголемување на случаи на заболувања кои можат да бидат единствени за една земја или заедница, пишува „Гардијан“. А.Р.