Холандското Министерство за инфраструктура и управување предложи паричен надоместок за велосипедисти кои на работа патуваат на две тркала, пренесе „Франс 24“.

„Да излеземе од автомобилите и да седнеме на велосипедите. Наша цел е да придобиеме уште 200.000 луѓе кои на велосипеди ќе направат три милијарди километри повеќе“, рече Стиентје ван Велдховен, заменик-министерка за инфраструктура.

Според овој предлог, секој граѓанин кој оди на работа на велосипед може да добие 19 центи за километар.

Холанѓаните, исто така, размислуваат за субвенции за купување велосипеди во договор со компаниите, а предвидоа и дополнителни 100 милиони евра за зголемување на бројот на велосипедски патеки и велосипедски паркинзи.

Во Холандија, 17 милиони жители поседуваат 22 милиони велосипеди. Со оглед на тоа што повеќе од половина од населението живее 15 километри од работа, властите се убедени дека тој пат полесно би се поминувал со велосипед.