Корона вакцина Фото: Shutterstock / M-Foto

Пекинг почна да нуди засилувачка доза на вакцината против Ковид-19, четири месеци пред главниот град на Кина да биде домаќин на Зимските олимписки игри. Право на засилувачка (бустер) доза ќе имаат сите кои се полнолетни и целосно вакцинирани, или вработени во организација на Олимписките игри, пишува АП.

Бустер дозите се достапни во градовите низ земјата од септември, но властите во Пекинг се крајно внимателни околу тоа кој ќе ја прими третата доза. Игрите треба да започнат на 4 февруари, а на трибините ќе бидат само жителите на Кина.

Кина беше обвинета за прикривање на почетната фаза на епидемијата на коронавирус за потеклото на вирусот, и претходно оваа недела рече дека ќе соработува со обновената истрага на Светската здравствена организација (СЗО).

СЗО во средата објави предлог листа од 25 експерти кои ќе дадат совет за следните чекори во потрагата по потеклото на вирусот.  А.Р.