Кина ги направи првите конкретни чекори за намалување на глобалната доминација на американскиот долар. Притоа иронично ќе го искористи „американското“ оружје – нафтата.

Кина увозот на нафта, кој е голем, ќе го плаќа во јуани наместо во американски долари, во рамките на напорите на официјален Пекинг кинеската валута да добие се поголемо меѓународно значење, тврдат за Ројтерс три неименувани извори запознаени со ситуацијата.

Но, „колапсот“ на доларот нема да оди ниту брзо ниту широко, бидејќи не само што Кинезите ги извршуваат своите планови во фази веќе неколку децении, туку наглото слабеење на вредноста на доларот ќе има катастрофални последици за економијата на САД и и светската економија.

Пилот програмата за плаќање на нафтата во јуани (официјалното име на валутата е рен-мин-би, т.н. „народни пари“, а јуанот е само основна големина, слично на британската фунта стерлинг) може да биде лансирана во втората половина на оваа година, наведуваат два извори.

Кинеските регулатори тивко побараа од голем број финансиски институции да се подготват за изразување на цената на увозот на нафта во јуани.

„Бидејќи е најголем купувач на нафта, сосема е природно Кина да се залага за употреба на јуанот во трансакциите. Ова исто така ќе ја подобри ликвидноста на јуанот на меѓународниот пазар“, изјави неименуван извор близок до кинеските власти.

Кина е вториот по големина потрошувач на нафта во светот, а во 2017 година ги надмина САД и стана најголем увозник на сурова нафта. Кинеската побарувачка е одлучувачки фактор што влијае врз глобалните цени на нафтата.

Официјален Пекинг може да започне со набавки од нафта од Русија и Ангола, кои, како и Кина, сакаат да ја „скршат“ глобалната доминација на доларот, пренесе британската агенција. Овие две земји се, исто така, најголемите снабдувачи на Кина со нафта, заедно со Саудиска Арабија.