В четврток на пладне повторно ќе се одржи седница на Советот за безбедност бидејќи 30-те дена од вонредната состојба завршуваат во текот на оваа недела, најави претседателот Стево Пендаровски.

Дополнително, како што посочи претседателот Пендаровски, доколку до него пристигне барање од Владата, сосема е извесно дека вонредната состојба ќе се продолжи за нови 30 дена.

„Според она што го знам до сега, тоа и јавноста го знае, тие информации се споделени со сите вас, нема никаква тајна, и не треба да има во однос на оваа пандемија, мислам дека се шансите извесни или големи да се прогласат нови 30 дена вонредна состојба, бидејќи и опкружувањето околу нас, ова е пандемија, оваа не е само кај нас проблем, меѓутоа и внатрешните состојби, кои не ескалираат, меѓутоа не се значително редуцирани сеуште, побаруваат ваков тип на ангажман од сите надлежни институции и ваков тип на состојба“, додаде претседателот Пендаровски.

Претседателот Пендаровски денеска ги посети армиските единици во касарната „Кузман Јосифовски Питу“, во Тетово. Третиот пешадиски баталјон во рамки на оваа касарна е првата единица од којашто беа испратени војници во Дебар и во Центар Жупа, веднаш по прогласувањето на кризна состојба. Во разговор со одговорните во касарната, претседателот Пендаровски беше информиран за досегашните и тековните активности на припадниците на Армијата при справување со пандемијата со вирусот COVID-19. Во изјавата за медиумите претседателот Пендаровски посочи дека денеска со Армијата разговарале како да се подобри синхронизацијата со локалната самоуправа, во услови на вонредна состојба.

„Армиските единици, не само тука, туку било каде во државата кадешто има потреба ќе бидат ангажирани и се ангажирани на неколку задачи. Тие, освен контролата таму кадешто има потреба на влезно-излезните точки од општините, односно од градовите и населените места, учествуваат во поддршка на Министерството за внатрешни работи, во дистрибуцијата на храна и лекови до загрозените категории на население и, се разбира, со своите специјални единици учествуваат и во дезинфекција на јавни објекти или на јавни површини, на патишта и слично, бидејќи за тоа постојат ресурси во Армијата, кои во оваа ситуација им се дадени на располагање и на општинските власти“, истакна претседателот Пендаровски.

При посетата на Тетово, претседателот Пендаровски беше брифиран и за работата на локалниот кризен штаб во Општина Тетово, којшто го сочинуваат доктори од неколку здравствени установи, претставници на тетовската полиција, на Црвениот Крст, на против пожарната служба, како и претставник на Центарот за управување со кризи.

Заблагодарувајќи им се за безрезервниот ангажман, претседателот Пендаровски подвлече дека меѓусебната соработка резултира со солидарност и силна кохезија.

„Во оваа битка сме сите заедно и оваа битка ќе ја добиеме само ако работиме заедно. Никој од нас не може сам да одговори на овој предизвик. Знам дека е тешко и ментално и физички. Но мора да издржиме“, им порача претседателот Пендаровски на членовите на тетовскиот кризен штаб. А.Р.