Една од најдобрите работи што можете да ја направите за сопственото здравје е да одите на прошетка после јадење. Колку и да е примамливо да легнете на каучот после добар оброк, треба да го направиме токму спротивното – да станете и да прошетате. Пешачењето само по себе е солиден вид на вежба, но пешачење по оброкот е уште покорисно за организмот бидејќи го забрзува метаболизмот, го подобрува варењето и го намалува чувството на стрес. Покрај тоа, значително го намалува гликемискиот индекс, го подобрува спиењето и ја забрзува циркулацијата.

Пешачењето по оброк, исто така, ќе придонесе за достигнување на бројката од 10.000 чекори, што се препорачува да се направат секој ден. Тоа не мора да го доживувате како вистинска вежба, туку како рекреација со правење околу сто чекори во минута, односно одење со брзина помеѓу четири и шест километри на час. Како што се зголемува брзината на одење, циркулацијата се движи од дигестивниот систем кон активните мускули со цел да се добие потребната енергија, пишува „Задоволна.хр“.

Пред да ги облечете патиките и да започнете да пешачите, откријте кои се придобивките од пешачењето по оброкот.

  1. Го подобрува варењето на храната

После јадење протеините, електролитите, водата, витамини, јаглехидрати и други хранливи материи почнуваат да се распаѓаат во организмот и се пренесуваат таму каде што е потребно. Овој процес може дополнително да се подобри со одење после јадење затоа што одењето игра важна улога во намалувањето на времето на празнење на желудникот со намалување на времето на движење на храната низ гастроинтестиналниот тракт, што резултира со побрзо варење и помала надуеност после јадење. Ова е особено корисно ако обично станувате поспани после јадење и ве фаќа тромост.

  1. Го подобрува нивото на шеќер во крвта

После јадење, храната мора да се распадне на форми на енергија што треба да ги користи телото. Истражувањата покажаа дека само десет минути пешачење после вечера може да го подобри нивото на гликоза во крвта во споредба со другите времиња во текот на денот. Ова пак го намалува ризикот од развој на состојби како што се дијабетес тип 2 или срцеви заболувања. Пешачењето помага и во намалувањето на осцилациите на глукозата, односно појавата да чувствувате наплив на шеќер за време на оброкот, а потоа да колабирате од замор после јадење.

  1. Го намалува стресот

Одење по оброк може да има смирувачки ефект врз телото, што може да го подобри расположението, фокусот и концентрацијата. Полесно или побрзо одење по секој оброк е одличен начин да ја зголемите термогенезата на активност без вежбање, што значи енергија што се троши на сè што правиме, вклучително и на спиење, јадење и вежбање. Покрај тоа, одењето помага во производство на серотонин, невротрансмитер кој промовира добар сон, помага во регулирање на апетитот, го подобрува учењето и помнењето и ги зголемува позитивните чувства.

  1. Ја намалува болката во мускулите

Ако чувствувате болка во мускулите поради вежбање или некоја друга причина, одењето по оброците може да ја ублажи таа болка. Движењето на мускулите и сврзните ткива делува како лубрикант бидејќи испраќа хранливи материи до клетките, а истовремено го исфрла отпадот, што придонесува за опоравување на болните мускули.

  1. Ја забрзува циркулацијата

Пешачењето после оброк го стимулира протокот на крв во екстремитетите и органите, а подобрата циркулација благодарение на вежбањето ќе резултира со поздрав кардиоваскуларен систем кој ќе ги транспортира хранливите материи потребни за коските, мускулите и органите да работат поефикасно.

  1. Го подобрува спиењето

Можеби сте во искушение да се свиткате и да заспиете после јадење, но кратка прошетка всушност ќе ви овозможи да спиете подобро. Одењето по оброкот ќе ви помогне да заспиете побрзо и да имате подлабок сон бидејќи серотонинот е всушност претходник на мелатонин, хормонот за спиење. Прошетката пред спиење е дефинитивно корисна за подобар сон на долг рок. А.Р.