Валентина Ѓоргиевска Парго

Интересна најава осамна во однос на годинешната програма на битолскиот “Џез фактори” (1-3 јули), се попознат џез фестивал во Македонија и пошироко, годинава предвиден со истакнати и значајни џез имиња од регионов. Меѓу нив и Пеџа Милутиновиќ.

*Господин Пеџа, Вие ќе настапите со вашиот бенд, на публиката и останува возбудата да Ве исчекува. Што програма размислувате да и претставите?

-Ќе ги претставиме композициите од мојот деби албум “Veritas Vincit” кој во април минатата година го издаде американската издавачка куќа “Оренда рекордс”, како и композиции од новиот албум кој е во подготовка. Членови на “Драмбути бенд” се Лука Игњатовиќ, саксофон, Стеван Милијановиќ, клавијатури, Бојан Цветковиќ, клавијатури, Акош Форгач, бас. Му се радуваме на нашиот настап на “Џез Фактори”, фестивал за кој слушнав пофални зборови од колегите кои настапуваа во изминатите изданија.

*За прв пат Вие доаѓате со оваа џез формација кај нас. Добро е да ве запознаеме почетно еве на ваков начин, на лето и музички, во живо.

-Прв пат во Македонија со мој авторски бенд “Драмбути” . Многу ми е драго што повторно ќе настапуваме пред публика после подолга пауза, после околностите кои ни се случија. Сите ние сме многу желни за свирки и фидбек од публика.

*Вам не ви е прв пат во Македонија досега имате настапувано, во други формации. Какви искуства имате од досегашните настапи?

-Настапував многу пати во Македонија со “Васил Хаџиманов бенд” на фестивали и клубови во Скопје, Битола, Штип, Велес, Охрид, Кавадарци, Прилеп, Куманово и во други градови. Публиката секогаш беше бројна, добро расположена и многу музикална. Секогаш со одушевеност не нагостуваа организаторите пред се, а и публиката секогаш беше срдечна и отворена за експериментите кои ги правевме тоа време.

*Можеби ќе ви звучи чудно, но кај нас веќе има создадено една солидна џез култура, луѓето се заинтересирани за овој жанр, и помладите, секако. Како е кај вас?

-Овде исто така, има се повеќе млади луѓе кои се интересираат за џез музика. Кон тоа придонесува и Факултетот за Музичка Уметност во Белград кој веќе 7,8 години има отсек за џез и современа музика, како и музичкото училиште “Станковиќ”, музичкото училиште во Суботица и други. Голем број џез фестивали во Србија исто така придонесуваат да се развива џез публиката и да биде во тек со светската џез сцена. Исто така џез клубови во Белград, како “Чекаоница” и “Птица” , ги дадоа просторите за домашни џезери и за публика која сака да слушаат џез во живо.

*Би позборувала и за Вас, интересна биографија имате, потомок во музичко семејство во низа од четири генерации, амбициозен музичар кој од млад си зацртал да се пресели во Белград, за да биде во жижата на српските и балканските џез настани. Кажете ни се за Вас?

-Да, потекнувам од музичко семејство и јас сум четврта генерација во мојата фамилија кој се занимава со музика. Роден сум во Крагуевац во март 1990. Музичко образование стекнав кај професор Душан Иванишевиќ за џез тапан и кај Душан Врбиќ за класични удиралки. Веќе на 15 години почнав професионално да се занимавам со музика. На 18 години се преселив во Белград каде запознав бројни џез музичари со кои набрзо почнав да соработувам. Учествував и во основањето на џез бендови како Qzama quartet (албуми Portrait in black and White, издаден во 2016.), Schime (албуми Do you really wanna play 2016., Visualisation 2018.) и Manivi (Something beautiful 2013.).Осум години бев член на “Васил Хаџиманов бендот” со кој снимав на два албуми “Alive” и “Lines in sand” . Со составот Schime во текот на 2020 година остваривме соработка со гудачкиот оркестар “Музикон” на проектот “Fusion makes sense” и планираме да снимиме заеднички албум оваа година. Од пред неколку години почнав да се занимавам со компонирање и имам албум кој ќе ви го претставиме на фестивалот, и всушност тоа е првиот мој производ, мој обид како композитор.

*Освен што музицирате низ Белград и пошироко, остануваше ли време низ годините да посетите и нечие џез гостување, концерт, фестивал? Чисто за своја душа.

-Отсекогаш бев љубител на концерти и клупски свирки, поради можноста да се почувствува енергијата и самиот звук кој секој музичар и бенд го поседува. Исто така, отсекогаш ми беше интересно после свирки да по зборувам со музичарите и да ги запознам. Од најдрагите кои ги памтам дефинитивно се настапот на Елис Марсалис, Бранфорд Марсалис и Винтон Марсалис на фестивалот ” Marciac Jazz in” во Франција, настапот на Џон Скофилд на “Панчевскиот џез фестивал” , Rudresh Mahanthappa quintet, Стив Колман “Five Elements” на Белградскиот џез фестивал, Wasne Krantz trio во “Блу Ноут” во Милано, Oruan Ortiz quartet во џез клубот “Чекаоница” и многу други.

*Сработивте ли нешто за овој карантински период? И како бенд, и како музичар?

-Ова време на локдаун го користев за компонирање на новиот материјал кој наскоро ќе го снимиме, како и за вежбање тапан, учење на свирење на клавир и други работи врзани за музика. Некогаш не беше баш најлесно да се фокусираш затоа што катастрофата која ни се случи беше многу тешка за психа, но тоа ми беше единствен вентил.

*Ви се допаѓаат ли онлајн настапи. Која е предноста што ја пронаоѓате кај нив?

-Не можам да кажам дека баш ги сакам онлајн настапите, но во ред ми е како алтернатива додека ова не помине. Без публика не е исто чувство да свириш, клучот е да ја чувствуваш енергијата на публиката и нивното внимание. Предност е дефинитивно тоа што голем број публика може да слуша концерт од различни краишта на свет, но како што реков, ништо не може да ги замени концертите со публика, макар таа била и малкубројна.

*Да прашам и како преживувате овој период финансиски, дали ова прашање е веќе пристојно?

-Финансиски секако не е како пред пандемијата, но се фокусирав на држење на приватни часови и работа во студио. Имам доста ученици и доста ангажмани за снимање, така што не можам да се пожалам на ситуацијата.

*Како и да е, посакуваме се брзо да заврши и да се врати во нормала. Имате ли повторно во план преселба на некоја друга џез точка од Вашата мапа?

-Не планирам да се селам од Белград, засега ми е овде базата и планирам така да остане. Ги имам сите услови за нормален и удобен живот, како и голем број соработници со кои сакам да соработувам и да создавам. Но, не сакам да кажам никогаш, можеби работите ќе се променат за неколку години.