четврток, април 25, 2024
дома"Пијан славеј" - нов албум на сцената, музика за душа! 

“Пијан славеј” – нов албум на сцената, музика за душа! 

Во пресрет на своето 21. издание на OFFest, кое ќе се одржи од први до 4 јуни, но воедно и како најава, Скопскиот џез фестивал промовираше  ново издание на SJF Records – првата дискографска објава на ПИЈАН СЛАВЕЈ.
Промоцијата се одржа синоќа (18 мај) во преполниот Макка бар, со пријатно ноќно преслушување на албумот, кој можеше да се набави по промотивна цена од 300 денари.
Промоторот Костадин Шурбановски потсети дека во 1997 година СЏФ го објавил првиот албум на групата “Фолтин”, во која Бранислав е член.
Бранислав се заблагодари и за ова издание, објасни дека се одлучил на соло проект за како автор да се изјасни и надвор од групата, која сè уште одлично функционира.
И, “сега и сите погледи ни се свртени кон иднината кон свирки и настапи, за една недела ќе свириме во Словенија во Љубљана, потоа на Д фест на трети јули и понатаму продолжува приказната…”, рече, во своето обраќање пред присутните.
Ова EP содржи 5 авторски композиции на ПИЈАН СЛАВЕЈ (Бранислав Николов), во вкупно времетраење од 18 минути,” Музиката в раце ми носи само болка “,” Хејт”,” Штета” (првата тема од овој албум создадена во 2016 година),”Клинч” и “Студен”…
Бранислав Николов: вокал,  мини електрично пијано, Пеце Трајковски-Брада: дигитална хармоника, гитара, програминг, Андреа Мирческа: контрабас, Мартин Џорлев: клавијатури, Мартина Баракоска: тапани
Деби изданието на Пијан Славеј се состои од 5 композиции, во вкупно времетраење од 18 минути. Автор на текстовите и музичката скица е Пијан Славеј (Бранислав Николов), а аранжманите и музиката во поширок контекст се дело на групата. Гостуваат: Сара Мејс (харфа), Петар Христов (кларинет) и Никола Ристановски (глас). Песните се снимени, миксани и продуцирани од Ивица Јанкуловски во скопското студио „Алшар“. Дизајнот на обвивката е дело на Александар Поповски. Извршен продуцент на изданието е Оливер Белопета.
“Изворната идеја на овој проект беше да се презентира поконкретна музика со поетски сензибилитет на една нова македонска шансона. А потоа, тоа стана импулс за послободна и поширока групна интерпретација, градба и наслојување. Сега, сè повеќе доаѓа до израз развивањето на инструменталното ткиво врз зборовната коскеност. Од нежен ламент до крик – чувството на изолираност и загуба како нов духовен пејзаж, но и потребата од вистинскиот уметничи допир и преживување, се суштинскиот драјв на оваа музичка експресија што постојано се трансформира во потрага по сопствен природен глас”, се вели во описот на албумот.
Покрај физичкото компакт-диск издание, Пијан славеј EP ќе биде достапно и на сите популарни глобални дигитални платформи и стриминг сервиси (Bandcamp, Spotify, Deezer, Apple Music, Youtube, Tidal…). Инаку, ова е 48. издание на SJF Records. В.Ѓ.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ