Податоците покажуваат дека еден од најголемите загадувачи на нашата планета, без сомнение, е пластиката. Катадневно во морињата ширум светот завршуваат 14 милиони тони пластичен отпад, а за споредба, оваа маса е еквивалентна на 70.000 сини китови! Не е изненадувачки, бидејќи 80% од морскиот отпад потекнува од копно, а повеќе од половина се пластични предмети за еднократна употреба. Тажна е и статистиката која покажува дека користиме дури пет трилиони пластични кеси годишно. Во превод: 160.000 пластични кеси се користат во светот секоја секунда или 700 кеси по човек годишно.

Од сите пластични кеси кои кружат на нашата планета, помалку од 1% се рециклира, а потребни се повеќе од 100 години за да се распадне само една пластична кеса. Но, дури и кога таа една пластична кеса ќе се распадне, микропластиката останува во нашата средина, која преку синџирите на исхрана завршува во нашите чинии. Така, секоја недела човечкото тело вари по 5 грама пластика.

Постојат многу начини да се стави крај на овие загрижувачки податоци, а дефинитивно еден од најлесните е да се намали употребата на пластични кеси секогаш кога е можно.

Најчесто купуваме пластични кеси во продавниците за храна. Често, токму на касата, сфаќаме дека не сме понеле една од кесите за повеќекратна употреба со нас, па едноставно сме принудени да купиме пластични. Имено, според пресметките, пластична кеса купена на каса ја користиме само 12 минути, а за жал, на таа кеса и се потребни повеќе од 100 години за да се распадне.

Со цел да се справиме со овој проблем и да ја запознаеме јавноста со еколошките начини на живеење, се повеќе продавници воведуваат хартиени кеси покрај пластичните кеси. Хартиените кеси имаат некои предности во однос на пластиката кога станува збор за одржливост – тие се полесни за рециклирање, а бидејќи се биоразградливи, може да се користат за цели како што е компостирање.

Меѓутоа, според студијата објавена од National Geographic, за да може хартиената кеса да го неутрализира влијанието врз животната средина во споредба со пластичната, би требало да ја користиме дури 43 пати. И бидејќи хартиените кеси се најмалку издржливи од сите опции за пакување, малку е веројатно дека некој би користел доволно хартиена кеса за да го надомести влијанието врз животната средина. Затоа многумина се согласуваат дека платнените и торбите за повеќекратна употреба се позитивен одговор за планетата, барем што се однесува до употребата на кеси.

Кесите за повеќекратна употреба траат и се моден додаток
Покрај фактот што платнените кеси се полесни и поцврсти од пластичните кеси, тие се повеќекратно употребливи, се перат и траат со години. Секако една од предностите на платнените чанти е тоа што едноставно изгледаат поубаво, па лесно се вклопуваат во секојдневните комбинации. Така, на пример, со вистинската боја и внимателно избран дизајн, платнената чанта станува дел од вашиот личен стил. Со различни дизајни, платнените чанти можат да пренесат и пораки – од хумористични и едукативни до промотивни. Тие можат да се вклопат во речиси секој џеб или торба, така што никогаш повеќе нема да се најдете во ситуација да купите нова најлонска кеса на касата во продавницата, оправдувајќи се дека можеби ја користите како кеса за ѓубре.

И конечно, кога станува збор за одржливите навики и употребата на пластика, ни македонските граѓани не се за пофалба. Според податоците со кои располагаат во граѓанската организација „Новинари за човекови права“ повеќе од 50 отсто од нашите граѓани намирниците од продавница ги носат во најлонски кеси за еднократна употреба. Оттаму брифираат дека користењето на пластичните кеси драстично било намалено во периодот по изгласувањето на законот за забрана на употреба на пластични кеси, но како одминува времето така граѓаните повторно се враќаат на старите навики и користат пластични кеси.
Не дозволувајте да ве понесе неинвентивноста, одберете ја вашата идеална платнена чанта со кул натпис или дизајн што ќе ја надополни вашата модна изјава и покажете им на тие околу вас дека спасот на планетата земја зависи од нас!!!

Подготви Н.Доковска