четврток, април 25, 2024
домаПобеда на Самоопределување на изборите во Косово, ЕУ бара продолжување на дијалогот...

Победа на Самоопределување на изборите во Косово, ЕУ бара продолжување на дијалогот со Белград

Опозициската партија Самоопределување на Албин Курти извојува убедлива победа на предвремените парламентарни избори во Косово. Според Централната изборна комисија, по 97 проценти од преброените гласачки ливчиња, Самоопределување освои 48 проценти од гласовите. Далеку зад неа е Демократската партија на Косово (ПДК), која освои 17 и Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) со 13 проценти од гласовите. Тие синоќа го признаа поразот, откако беа објавени резултатите.  ЗА ЛДК тоа е најлошиот резултат во нивната историја. Премиерот во заминување од партијата, Авдулах Хоти, најави дека ЛДК ќе дејствува како „конструктивна опозиција“ во парламентот.

Поддржувачите на Самоопределување ја прославија победата во Приштина. Обраќајќи им се на насобраните во седиштето на партијата, Албин Курти рече: „Нашите приоритети се правдата и работните места. Ни претстои долг пат, а грешки се можни. Но, нашите цели се благородни “.

ЕУ очекува новите власти во Приштина конструктивно да се вклучат во продолжувањето на дијалогот со Белград и да ја искористат можноста да постигнат сеопфатен договор, изјавија министерот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борељ и европскиот комесар за проширување Оливер Вархелји.

Во заедничката изјава, по вчерашните избори на Косово, Жозеп Борељ и Оливер Вархелји изјавија дека „ЕУ ќе продолжи да го поддржува европскиот пат на Косово“, но исто така потсетија на обврските со кои се соочуваат идните власти во Приштина.

„Од Косово се бара да направи напредок во реформите, преку Договорот за стабилизација и асоцијација и Европската агенда за реформи, како и регионалната соработка. Европскиот пат на Косово води кон сеопфатно нормализирање на односите со Србија и ЕУ очекува новите власти да се ангажираат конструктивно во дијалогот со посредство на ЕУ“, рекоа Борељ и Вархелји.

Во соопштението се додава дека ЕУ ќе продолжи да ги следи пост-изборните процеси на Косово, каде се очекува формирање на парламент, влада и избор на нов претседател. А.Н.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ