Повеќе од 1,2 милиони луѓе се заразени со вирусот КОВИД-19 ширум светот, поточно, според податоците на „Worldometers“ заразени се 1.202.715 лица. Според сајтот, до денес, епидемијата зафати 206 земји и територии ширум светот, 64.734 луѓе починаа, а 246.648 се излечени.

Има 891.333 активни случаи, од кои 95 проценти или 848.651 имаат умерена клиничка слика, а пет проценти, или 42.682, се во сериозна состојба. Поголемиот дел од заразените се во САД, а од починатите во Италија. Во САД се пријавени 311.635 случаи, а 8454 починале.

Шпанија е на второ место со 126.168 случаи и 11.947 смртни случаи, додека во Италија се регистрирани 124.632 заразени и 15.362 жртви.

Германија е на четвртото место со 96.092 заразени и 1.444 починати, а Франција со 89.953 заразени и 7.560 починати на петтото место.

Кина, во која вирусот се појави на крајот на декември 2019 година, сега е само на шестото место со 81.669 заразени, и 3,329 жртви.

Следува Иран со 55.743 случаи и 3.452 жртви, Велика Британија со 41.903 пациенти и 4.313 жртви, Турција со 23.934 пациенти и 501 жртва и Швајцарија со 20.2505 заразени и 666 жртви.

Австралијците оптимисти дека се забавува ширењето на вирусот

Повеќе австралиски здравствени службеници денес изјавија дека се „претпазливи оптимисти“ кога станува збор за забавување на ширењето на корона вирусот во земјата, но предупредија дека ограничувањата за социјално дистанцирање ќе останат на сила со месеци.

Бројот на потврдени случаи на коронавирусот се зголеми за 181 во изминатите 24 часа, што значи дека вкупно 5.635 лица се разболеле, додека вкупно 34 починале, соопшти Министерството за здравство.

Ова укажува на тоа дека дневната стапка на заразени е под пет проценти, а директорот за здравство на Нов Јужен Велс, Џереми Меканулти вели дека постои надеж дека кривата започнала да се израмнува, пренесува Ројтерс.

Сепак, министерот за здравство Грег Хант предупреди дека и покрај добрите знаци, Австралијците сепак треба да држат дистанца од другите луѓе во наредните шест месеци.

„Ова е тежок шестмесечен период што треба да го поминеме“, изјави Хант за „Скај њуз Австралија“. А.Р.