Денес во Клубот на новинари се одржа дебата на тема:„Известување на медиумите во изборна кампања, искуства и предизвици“, одржана во Клуб на новинари се донесе заклучок дека во изминатиов период е подобрено медиумското известување за избори, и нема напади на новинари. Свои излагања имаа директорот на АВМУ Зоран Трајчевски, претседателот на ЦИВИЛ Џабир Дерала и претседателот на ЗНМ Насер Селмани.

Зоран Трајчевски оцени дека за локалните избори медиумите известуваат далеку порамномерно и попрофесионално во споредба со претходните два изборни циклуси, каде беше забележано нерамномерно известување и воочлива координација во известувањето. Тој истакна дека годинава за прв пат судот во Скопје постапи во законски рок по пријавата на АВМУ и донесе пресуда за само 48 часа по поднесувањето. Според него, судот сеуште не ги решил предметите на АВМУ поднесени пред две години.

Претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала посочи дека наместо да се информираат, луѓето се контаминираат со омраза преку медиумите и постојат сериозни забелешки за однесувањето на судовите. Тој го истакна случајот каде судот ефикасно казни македонски граѓанин за навреда на претседателот на Турција, но не го санкционира говорот на омраза искажан во провладините медиуми во минатoто.

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани рече дека постои тренд на намалување на напади врз новинарите. За разлика од декемвриските избори кога беа регистрирани два физички напади на новинари, на оваа изборна кампања нема ниту еден физички напад, туку само вербални закани.

„Полицијата почна сериозно да ги истражува нападите, но загрижува фактот дека од 54 напади ниту еден напаѓач не е казнет од судовите. Тоа покажува јасна политика на неказнивост. Само 10 случаи се целосно истражени и поднесени се пет кривични и уште толку прекршочни пријави. Со политиката на неказнивост не можеме да очекуваме подобрување на слобода на говорот“, истакна Селмани и се заложи за изградба на ефикасен институционален механизам за превенција на насилство против новинари, во кој ќе учествуваат полицијата, обвинителството и судот.

Оваа дебата беше организирана од страна на „ОнЛимит медиа“ и ЗНМ, а финансиски поддржана од Цивика мобилитас.