Позитивна на коронавирус е вработена од домот за геријатрија во Ѓорче Петров, по епидемиолошка анкета во однос на контактите коишто ги имала со вработените, и на дел од колегите/колешките – веќе им е препорачана самоизолација, соопшти денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

-Од следната недела ќе пристапиме со серолошко тестирање на сите коишто се сместени во домовите за стари лица со цел да се направи една подобра проценка на нивната здравствена состојба – посочи тој.

Како што додаде,  завршени се серолошките тестови на вработените во Кумановската болница.

-Од 210 тестирани вработени кај само двајца се најдени зголемени, едни од антителата, и тие ќе бидат тестирани и на вирусот, истото тоа како еден начин на пристап – стратегија ќе биде спроведена и во текот на следната недела, посебно во одделенијата болниците кадешто има најголем ризик  – најави Филипче.

Со директорката на кумановската болница е договорено сите хоспитализирани таму со оглед на тоа што бројот на вработени е навистина намален и на тоа што дел од вработените се во самоизолација – да се префрлат на инфективната Клиника во Скопје. Инфективното одделение во Куманово ќе функционира на тој систем што таму ќе се прави тријажа и проценка на здравствената состојба и понатаму во координација со министерството и директорката на Клиниката за инфективни болести и директорот на ГОБ „8ми Септември“ ќе се прави проценка дали дел од пациентите ќе бидат упатувани во Скопје или ќе останат да се лекуваат во Куманово, објасни Филипче.

-Остварив разговор со францускиот амбасадор Тимоние, кој преку организацијата Проект ХОУП донираше заштитни маски, обувки, комбилизони во вредност од 5000 евра за лична заштита на медицинскиот персонал од Ковид-19 на Универзитетската клиника за Гинекологија и акушерство во Скопје.Во разговор со американската амбасадорка го споделив планот и стратегијата, како и во овој период кога се очекува пикот на бројот на заразени, така и за периодот којшто ќе следува понатаму – во однос на проценка на ризиците, начинот, ослободувањето на дел од рестриктивните мерки – информираше министерот за здравство Филипче.

Тој посочи дека на организираниот состанок од страна на Светската здравствена организација, на кој присуствувале повеќе од 150 земји учеснички биле разменети искуства и планови, но се слушнале и искуствата од повеќе земји – пред се на Италија, но и какви се плановите на дел од земјите во однос на тоа како здравствениот систем да се постави понатаму, заради тоа што е заеднички заклучокот и ставот дека оваа болест и после пикот на бројот на пациенти ќе продолжи да постои. А.Р.