Лина Раул Рефре, Кајхан  Калор и Силвија Перез Круз се првите големи имиња што најавуваат исклучително возбудливо издание на Оффест. Годинешниот 19. Оффест ќе се одржи од 2 до 6 јуни во Скопје.
Нашиот најголем и најзначаен фестивал на музика на светот годинава ќе го отвори дуетот Lina_Raül Refree, колаборативен проект на португалската фадо дива Lina Rodrigues и популарниот шпански артист Raül Refree, еден од најбараните и најиновативните светски продуценти во моментов (Rosalía, Lee Ranaldo од Sonic Youth и др.). Нивниот штотуку објавен албум „Lina_Raül Refree“ (Glitterbeat, 2020), кој е своевидна модерна посвета на големата фадо легенда Amália Rodrigues, веќе предизвикува лавина од позитивни реакции кај светските музички сладокусци
Втората вечер на Оффест (3 јуни) е резервирана за уште еден голем тандем, предводен од величествениот мајстор на иранското кеменче Kayhan Kalhor, добитник на Греми во 2017-та и актуелен носител на специјалната награда за животно дело на Womex (2019). Овој брилијантен музичар од курдско потекло во Скопје ќе настапи во придружба на турскиот виртуоз на инструментот баглама Erdal Erzincan.
Во истата вечер, публиката ќе може да го проследи и настапот на фасцинантната каталонска пејачка Silvia Perez Cruz. Таа во Скопје ќе го претстави својот најнов проект „Farsa”, во кој на волшебен начин ги комбинира музиката, театарот, филмот, танцот, сликарството, фотографијата и поезијата.
Наскоро ќе биде обелоденета и комплетната програмата на фестивалот. Несомнено, нè очекува уште едно извонредно квалитетно и музички раскошно издание на Оффест.