Од утре во Словенија ќе важи полициски час во траење од 21 до 6 часот наутро, најави денеска министерот за внатрешни работи Алеш Хојс. Забраната за собирање повеќе од шест лица исто така ќе стапи во сила, наместо претходните 10, пренесува СТА. Хојс додаде дека забраната за движење меѓу регионите е сè уште валидна, со одредени исклучоци.

Во последните 24 часа во Словенија се потврдени 537 случаи на вирус, односно 20,4 проценти од тестираните, па затоа владата донесе одлука за нови мерки. Во Словенија има 289 лица во болница, од кои 55 се на одделот за интензивна нега.

Во регионите Приморско-Нотрањска и Горишка состојбата се влоши, но сè уште не е решено тие да бидат ставени на црвената листа на региони што се во карантин.

Вчера во Словенија беше прогласена епидемија. Претходната состојба на епидемијата најпрво беше прогласена на 13 март и траеше 80 дена. Словенечката влада денес треба да разгледа нови мерки, а портпаролот Јелко Кацин вели дека бројот на пациенти е зголемен во одредени делови на земјата.

Тој рече дека претседателот на Словенија, Борут Пахор, вечерва се очекува да им се обрати на граѓаните. Претходно, здравствените експерти предупредија дека поради ширењето на короната, словенечкиот здравствен систем е пред колапс. А.Р.