Ансамблот на Гостиварски театар ќе биде дел од 60-тото јубилејно издание на најголемиот фестивал во Македонија „Охридско лето“ каде премиерно ќе ја изведат претставата „Полковникот птица“ од Христо Бојчев, во режија на Андреј Цветановски. Дејствието на „Полковникот птица“ е врзано со група на ментално болни луѓе, кои живеат во лудница. Таму по грешка стигнува хуманитарна помош, што пак нив ќе ги охрабри да се организираат да одат во Стразбур, да бараат правда и решение за својот проблем.

Во претставата играат: Ѓорѓи Нешкоски, Елизабета Клинчаревска-Младеновска, Марко Дојоски, Береда Решид, Марија Кондовска, Аријан Ејупи, Дритан Лазами, Кујтиме Ахмети, Ајше Усеини и Берат Махмути. Премиерата на Гостиварски театар е закажана за 26 август, на сцената „Долни Сарај“. Поради ковид пандемијата годинава, настаните на Охридско лето ќе се одржуваат под посебен протокол. Капацитетите ќе бидат исполнети само 50% со гледачи, а задолжително е носење маски и држење дистанца.

В.Георгиевска Парго