под наслов „Полноќни огномети“ Македонската филхармонија го најавува Новогодишниот гала-концерт кој ќе се одржи на 28 декември (четврток) во големата сала на Филхармонијата во 20 часот. По неколку години пауза, Македонската филхармонија конечно го враќа овој музички настан кој прерасна во традиционален и кој е привлечен и за пошироката пубика, за музичките сладокусци, но и за оние што професионално се занимаваат со оваа уметност.

Новогодишниот гала-концерт овој пат ќе понуди поинаква програма од
вообичаената. Покрај танците, полките, маршевите од семејството на австрискиот композитор Јохан Штраус, публиката ќе слушне и дела од латино-американската музичка култура на автори како Пјацола и неговото „Адиос Нонино“, Монкајо со „Хуапанго“, Маркез со „Данцон бр.2“, Бизе со Арија на Ескамијо од операта „Кармен“, Пучини со aрија на Музета од операта „Боеми“, Гуно со aрија на Јулија од операта „Ромео и Јулија“, Лара со „Гранада“ итн. Се разбира, неизбежни се валцерите „Пролетни звуци“, „Виенски бонбони“, „Виенска крв“, „На убавиот син Дунав“, или „Џокеј полка“, „Египетски марш“…
Концертот ќе го диригира славниот маестро Јерухам Шаровски од Израел, а како
солисти ќе настапат македонските истакнати вокални уметници кои кариерата ја градат надвор од земјата – Милена Арсовска, сопран и Иван Наумовски, бас-баритон.
Сопранот Милена Арсовска е една од најистакнатите македонски вокални
уметници од поновата генерација, со успешна меѓународна кариера. Дипломира соло-пеење на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Универзитетот за музика и уметности во Виена. За време на студиите, Арсовска се усовршува и посетува мастер-часови кај познатите Клаудија Виска, Дорин Дефеис, Џејмс Хупер и Јоан Холендер. Добитничка е на бројни награди и признанија, меѓу кои и на втора награда на натпреварот „Достал оперета“ во Виена, а е финалист на престижниот натпревар за млади пејачи „Лејла Генчер“. Како пејачка, Арсовска дебитира во Македонската опера и балет каде што настапува во продукциите на оперите „Волшебната флејта“, „Свртување на шрафот“, „Италијанка во Алжир“, „Рита“… Виенското деби, пак, во Театарот во Виена доаѓа во 2010 година со настап во оперетата „Лилјакот“, а понатаму настапува во театрите во Магдебург и во Прага, како и на повеќе фестивали. Нејзиниот репертоар ги вклучува и улогите на Лаурета во „Џани Скики“, Памина и Папагена во „Волшебната флејта“ и Евридика во „Орфеј во подземјето“, Блонда во „Грабнување од сарајот“ и Церлина во „Дон Џовани“. Минатата сезона, Милена Арсовска настапи во главната улога во операта „Славеј“ од Стравински во Националната опера во Прага, а концертните турнеи ја водат низ Германија, Италија, Шведска, Шпанија, Франција, Малта, Холандија и САД. Моментно е дел од продукцијата „Свадбата на Фигаро“ во престижната опера во Вајмар. Нејзините снимени изданија, пак, ја вклучуваат живата снимка на „Чичестерови псалми“ од Леонард Бернштајн со Камерниот оркестар на Виена, а нејзиниот глас е искористен и во музиката за македонските филмови „Големата вода“ и „Војната заврши“.
Баритонот Иван Наумовски дипломира на Факултетот за музичка уметност во
Скопје (2013), во класата на проф. м-р Марија Муратовска, со највисока оценка Cum laude. Студиите ги продолжува на Универзитетот во Грац, Австрија, во класата на проф. д-р Том Сол, каде што во 2016 година магистрира со највисоки почести. Наумовски моментно е студент на Универзитетот во Виена, на мастер-студии во областа на Lied и Oratorio, каде што студира кај проф. Карлхајнц Ханзер и проф. Габриеле Фонтана. Како студент досега освоил награди на три балкански натпревари – во Македонија, Црна Гора и во Косово и имал повеќе настапи, меѓу кои концерт со оркестарот на Македонската опера и балет и Македонската филхармонија, како и рецитали во различни градови во Македонија, но и на фестивалите „Скопско лето“, „Денови на македонска музика“, „Есенски музички свечености“ и на концертот по повод 50 години ФМУ, како и на концертот на пијанистот Симон Трпчески како гостин. Во Грац на Универзитетот учествувал во продукциите „Дон Џовани“, „Вива ла Мама“, „Волшебната флејта“, и одржал бројни концерти во различни градови во Австрија (Вергл, Виена, Грац, Велс, Вајц). Во 2014 година, Наумовски дебитираше на оперската сцена во Грац со улогата на Викомте Каскада во оперетата „Веселата вдовица“, поставена од реномираниот режисер Оливие Тамбози. Следува премиерата во Австрија на современата опера од Елизабет Наске – „Der Wuschpunsch“, каде што Наумовски ја толкувал главната улога на злобниот Ирвитцер, потоа проектите „Росини за деца“, концерт на оперското студио, за повторно да настапи во 2017 година како дел од нивниот ансамбл на натпреварот за режисери „Ring Awards“ со улогата на Малатеста.
Добитник е на две стипендии – „Best of South East“, и на културното американско друштво (АИМС) во Грац, кое му донесе многубројни настапи, а исто така настапува и со оркестарот во „Музиквереин“ во Грац. Во 2014 година настапи во Осло, Норвешка, а во 2015 година ја доби македонската награда „Виртуози“ во категоријата млад уметник. Во мај во 2016 година дебитираше во Македонската опера и балет на отворањето на „Мајски оперски вечери“ со главната улога во истоимената опера „Евгениј Онегин“. Во 2017 година имаше можност да настапи заедно со австрискиот сопран Ева Линд, како гостин на нејзините концерти, и да настапува во Бајрот, во Вила Ванфрид (домот на Р. Вагнер). Досега има посетувано мастеркласи кај најреномираните оперски педагози: Криста Лудвиг, Бригит Фасбендер, Карлхајнц Ханзер, Габриеле Лехнер, Хелена Лазарска.