Полска ќе се придржува кон одлуката на Европскиот суд на правдата, според која Варшава ги прекршила регулативите на ЕУ со засилено сечење стебла во древната шума во Бјаловјежа, соопшти полското Министерство за заштита на животната средина.

– Чекаме детали за судската одлука. Како што беше кажано порано, Полска ќе ја почитува одлуката на судот – рекол портпаролот.

Европскиот суд на правдата, со седиште во Луксембург, соопшти дека сечењето на шумата во Бјаловјежа загрозило многу видови птици и инсекти во овој важен екосистем, кој се смета за последна прашума во Европа.

Бјаловјежа или Бјаловјешка шума е прашума која се наоѓа на двете страни на границата меѓу Полска и Белорусија. Во праисториски времиња шума од ваков вид се простирала низ значаен дел од европската рамнина, но со континуирано сечење и експлоатација е сведена само на бјаловјешкото подрачје.