Поројниот дожд кој предизвика поплави во југозападна Јапонија во кои загинаа најмалку 58 лица, исто така ги погоди северните делови на земјата, предизвикувајќи поголема материјална штета. Најсилни дождови ги погодија Нагано и Гифу во централна Јапонија, но надојдените реки предизвикаа поголема штета во неколку јапонски градови. Водата нанесе кал и скршени гранки, а најоштетени се куќите во близина на реките и патиштата.

Јапонските власти препорачаа евакуација на повеќе од 3,6 милиони луѓе низ целата земја. Евакуацијата сè уште не е задолжителна и не се знае колку лица во моментов решиле да преземат таков чекор. Спасувачки операции сè уште се водат на југот на земјата и се трага по 14 исчезнати лица.

Десетици илјади војници, полицајци и спасувачи се во чамци на поплавените улици на јапонските градови во потрага по исчезнатите. Обилните дождови што започнаа во петокот предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето на островот Кјушу, во југозападна Јапонија.А.Н.