Големите поплави, предизвикани од обилниот дожд, на грчкиот остров Крит ги оштетија патиштата, поплавија стотици домови и однесоа автомобили во морето.

Властите во вторникот соопштија дека најголемата штета се случила источно од главниот град на островот Иракли, во малите градови и селата каде што училиштата биле затворени, а на жителите им е препорачано да останат дома.

Во најтешко погодените области, некои жители се засолнија на покривите на своите домови, бидејќи низ улиците минуваше матна вода со автомобили и остатоци.

Ова е трет пат за помалку од еден месец оваа област да биде погодена од поплави. Обилните дождови се очекува да продолжат до четврток.

Засега никој не е повреден, но официјални претставници на регионалната влада соопштија дека е оштетена патната мрежа на островот, како и голем број домови и продавници, од кои многу се веќе затворени поради рестриктивните мерки за коронавирус што важат низ целата земја . А.Н.