четврток, април 25, 2024
домаКујнаПоранешен шеф на ФБИ: Русија може да има компромитирачки информации за Трамп

Поранешен шеф на ФБИ: Русија може да има компромитирачки информации за Трамп

Поранешниот директор на Федералното биро за истраги (ФБИ) Џејмс Коми рече дека постои можност Русија да поседува компромитирачки информации за американскиот претседател Доналд Трамп и дека веројатно постојат докази за неговата „опструкција на правдата“, пренесе АП.

Коми во интервју за американската телевизиска мрежа „Еј-би-си“ рекол дека е „запрепастувачко“ да се помисли дека Русија има компромитирачки информации за Трамп, но дека оваа можност не треба да се исклучи. Според него, веројатно е дека Трамп го попречувал судството во своите претседателски постапки. Коми изјави дека американскиот претседател е „морално неподобен“ да ги води САД инсистирајќи дека Трамп е „лажго“.

„Не верувам во приказната дека тој е ментално неспособен или дека е во првата фаза на деменција. Мислам дека не е ментално, туку морално неподобен да биде претседател. Нашиот претседател треба да биде олицетворение на почит и да се води по вредностите кои се во срцето на нашата земја. Една од овие вредности е вистината, а овој претседател не е способен да ја почитува“, изјави Коми во долго интервју за американската телевизија.

Поранешниот шеф на ФБИ утре треба да ја издаде книгата „Големата лојалност: Вистина, лаги и лидерство“ во која тој ги опишува 20-те години кариера за време на претседателот Џорџ Буш помладиот и работата во ФБИ од 2013 до 2017 година.

Коми во книгата, од која делови протекоа во јавноста, пишува дека Трамп е „непоправлив лажго“, кој луѓето околу него ги потчинува на лојалност како „ мафијашки лидер“.

Според него, Трамп е „нечесен претседател, одвоен од реалноста и институционалните вредности“ кој владее „воден од его“ и лојалноста која бара да му биде искажана. Трамп го смени Коми во мај минатата година поради истрага на ФБИ за можната предизборна соработка на соработниците на Трамп со Русија во 2016 година.

Коми пред Сенатот на американскиот Конгрес веќе претходно ги споменуваше притисоците на Белата куќа и дека Трамп барал негова лојалност и побара да се откажат од истрагата против генерал Мајкл Флин, тогашен советник за државна безбедност, кој беше принуден да поднесе оставка.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ