Португалија ќе ги отвори своите плажи на 6-ти јуни, изјави денеска премиерот Антонио Коста. Покрај тоа, тој ги повика граѓаните да преземат апликација што ќе им овозможи да проверат дали има место на плажата на која сакаат да одат.

Воведени се и посебни правила за плажите

Според новите правила за плажите, групите ќе треба да се одвоени 1,5 метри, лежалките можат да се изнајмат само за половина ден, а групните спортови нема да бидат дозволени.

Но, полицијата нема да ги надгледува плажите, рече Коста, повикувајќи ги луѓето да се придржуваат кон правилата.

„Плажите треба да бидат места за разонода“, рече Коста.

Португалските власти развија апликација за следење на посетеноста на плажите

Португалската агенција за животна средина разви апликација која ќе собира податоци во реално време за тоа колку луѓе има на плажата, така што ќе може да се провери колку луѓе се на плажата одредено време.

Владата со мобилните оператори, објасни Коста, сега работи и да овозможи собирање податоци не само за тоа колку луѓе се на плажата, туку и како се распоредени.

Португалија в понеделник почнува со втората фаза од олеснување на рестриктивните мерки

Патем, Португалија од понеделник ќе ја започне втората фаза на олснување на ограничувањата, што значи дека ќе бидат отворени ресторани, музеи, кафулиња и училишта за некои одделенија. Португалија дозволи отворање на помали продавници на 4 мај и ги релаксираше патните ограничувања.

Патем, досега во Португалија се регистрирани 28.583 случаи на зараза со коронавирус, а починале 1190 лица, што е значително помалку отколку во соседна Шпанија.

Португалија бележи значителен економски пад, најмногу заради туризмот

Но, затоа економските показатели покажаа дека во првиот квартал од годината, економскиот раст е помал за 3,9 проценти во однос на минатата година.

„Невработеноста значително се зголеми“, рече Коста.

Падот на БДП главно ќе се должи на ситуацијата во туризмот, каде што бројот на ноќевања падна за 60 проценти во март во однос на истиот период лани.

„Ќе биде тешко … Трошоците сè уште се тука, а приходите ќе растат многу постепено“, рече Хозе Теотонио, извршен директор на најголемата хотелска групација Пестана, која треба повторно да отвори 71 хотел во јуни. А.Р.