Институтот за јавно здравје го објави неделниот извештај за периодот од 13 до 19 јули 2020 година, кој што покажува намалување на бројот на новозаболени и оздравени лица, а зголемување на бројот на починати лица во однос на претходната недела.

Во дадениот период направени се вкупно 8161 тестирања (1834 помалку од периодот 6–12 јули што се должи и на еден дополнителен неработен ден) и регистрирани се 1038 позитивни случаи на Ковид-19 што е за 35 случаи помалку од претходната недела.

Новозаболени се регистрирани во 26 града при што најголем процент на новозаболени има во Скопје (39.9%) и во Штип (14,4%). Во 17 града во земјата, за истиот период, бројот на новопотврдени случаи е под 20.

Во овој период се забележува промена на старосната структура на новозаболените во однос на претходните недели при што најголем процент се лица помеѓу 40–49 години 21,1%, потоа лица над 60 години 20,6%, поголем број новозаболени се регистрира кај лица помеѓу 30-39 – 20,4% и  кај лица од 50-59 години – 19,7%. Најмал број на новозаболени има кај децата и тоа 0-9 години – 2,2%, и од 10-19 години – 3,5% од вкупниот број на новозаболени.

Од случаите кои се епидемиолошки истражени, хоспитализирани се 88 лица или 9,5 % од новозаболените што претставува намалување за 2% во однос на претходната недела на известување, а кај 275 лица или кај 29,5% регистрирано е присуство на коморбидитети, што е за 2% повеќе од претходната недела.

Од вкупниот број на епидемиолошки истражените новозаболени 38,6% имале контакт со потврден случај на Ковид-19, а 12 лица (10 помалку од претходната недела) имале историја за патување во странство во минатите 14 дена.

Во периодот 13-19 јули регистрирани се 545 оздравени лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е за 472 лица помалку од претходната недела на известување (6 – 12 јули). Пред ова намалување од 40% на неделниот број на оздравени лица, три недели бројот на оздравени лица бележеше раст за околу 40% на неделно ниво.

Во периодот 13 до 19 јули, регистрирани се 44 смртни случаи, што е 8 повеќе смртни случаи од претходниот период. Најголем дел од случаите се лица над 60 години, 81,8%. 41 од случаите се починати во болнички услови, а 3 вон болнички. Кај 35 од смртните случаи (79,5%) регистрирани се претходни коморбидитети.

На 19 јули 2020 година, според извештаите од болниците КИБФС, ГОБ 8-ми Септември, ИБЗД Козле, Клинички болници Битола и Штип, Општи болници Прилеп, Куманово, Велес и Гостивар, хоспитализирани се 392 лица позитивни на Ковид-19, од кои 102 се на кислородна поддршка, а 5 на механичка вентилација.

А.Н.