Пет новозаболени се потврдени денеска, од десетте лица кои беа тестирани, а четворица се здравствени работници од Дебар, со што бројот на заболени во државава се искачи на 31 – соопшти вечерва на прес конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Петтиот позитивен пациент е сопругата на веќе дијагностицираниот пациент од Скопје кој беше тестиран вчера во „Жан Митрев“, а денеска потврден како позитивен на вирусот од лабораторијата на Институтот за јавно здравје.

Филипче уште еднаш ја потенцираше важната улога која во борбата со вирусот ја имаат здравствените работници.

-Целосно сме свесни дека здравствените работници се најекспонираните, но мора да правиме се и да се заштитиме зашто во овие услови мора да обезбедиме одржлив и стабилен здравствен систем за сите. Нема да има оправдување за било кој што нема да се придржува кои мерките донесени како одлука на Владата. Мора да биде нивото на свест за почитување на овие мерки највисоко зашто од тоа зависи јавното здравје, битно за сите нас исклучително битно за здравствените работници зашто тие требаат сега, ни требале порано и ќе требаат понатаму кога овие моменти ќе бидат далечно минато – посочи Филипче.

Тој додаде дека од утре во болницата во Дебар ќе престојуваат и двајца доктори од клиниката за пулмологија за да помогнат на здравствените работници таму.

-Упатувам порака до колегите здравствени работници дека трудот и напорот и улогата која се дава во овој момент е непроценлива и затоа мора да водиме грижа за сите нас, а до граѓаните упатувам порака останете дома и прдржувајте се до мерките за превенција – рече Филипче.

Тој додаде дека вечерва од Брисел пристигна авион во кој е веќе потврдено дека има наши државјани со симптоми на грип, ќе се прави скрининг на сите патници и оние кои имаат симптоми веднаш ќе бидат изолирани и пренесени на клиника за инфективни болести да се тестираат и додека не стигнат резултати сите други патници ќе чекаат на аеродром по што ќе се одлучи на каков вид на изолација ќе се пристапи. А.Р.