На настанот на промоција на Националната Мрежа на социјални претпријатија, кој се случуваше вчера во хотел „Холидеј Ин“, беше потпишана Декларација со која сите засегнати страни изразија подготвеност да дадат свој придонес во еко системот за развој на социјалното претпримаштво во земјава.
Средбата беше одлична можност за споделување на визиите на различни стејкхолдери, врзани за развојот на социјалната економија, која, пред сѐ, треба да биде адаптирана на реалните потреби на граѓаните.

– Мултисекторското присуство на оваа средба покажува дека ја разбираме потребата од социјалните претпријатија во земјава и секој на свој начин ја покажува својата подготвеност да се вложи во овој процес. Нас денеска овде нѐ обединува новата економија која што се раѓа, пред сѐ, преку социјалните претпријатија кои што се одговор на потребите во општеството и се во кохеренција со целите за одржлив развој. Тие пак се директен одговор на предизвиците со кои што се соочуваме глобално, а се последица на предолгиот период во кој што економијата се води на традиционален начин, сметајќи ја Планетата и човековиот труд исклучиво како ресурс за таа да расте и да се развива. Нас денеска не обединуваат и принципите и вредностите на новата економија зашто сме разбрале дека не постои друга опција за одржлив развој“, вели Климентина Илијевски, извршна директорка на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“, (организација-иницијатор на Мрежата), и главна и одговорна уредничка на „Лице в лице“.

Министерката за труд и социјална економија, Мила Царовска, нагласи дека развивањето и растот на социјалната економија е од клучно значење за сограѓаните кои не се дел од пазарот на трудот.

– Денешното потпишување на Декларацијата за вмрежување на социјалните претпријатија е јасен показател дека овие претпријатија ќе бидат дел од една нова ера во македонската економија. Доказ дека преку вложување средства и искрена енергија се поттикнуваат позитивни промени во општеството. Министерството за труд и социјална политика подготвува Стратегија за создавање на социјално претприемништво, како еко систем за развој на социјалните претпријатија во Северна Македонија. Овие претпријатија се од голема помош за државата, бидејќи нудат социјални услуги на кои ќе биде купувач самата државата, но истовремено и ќе имаат обврска да вработуваат ранлива категорија лица со што ќе допринесат за процесот на инклузија на различните во општеството, истакна Царовска.

Министерот за екониомија, Крешник Бектеши се осврна на политиките за поддршка на одржливоста на овие претпријатија, кои ги следат правците на делување од стратешките документи на ЕУ, во кои посебен акцент се става и на развојот на социјалното претприемништво.

– Социјалните претпријатија развиваат економија базирана на реалните потреби на граѓаните и создаваат можности за демократија во економијата, вработување на ранливите групи граѓани, одговараат на потребите поврзани со растењето на нееднаквоста и сиромаштијата, стареењето, младинската невработеност, локалната одржливост, уништувањето на животната средина, благосостојбата на животните, искористувањето на природните ресурси. Затоа и се толку важни во глобални рамки“, изјави Бектеши.

Од  Фондот за иновации и технолошки развој во својата дискусија порачаа дека нивната порака е дека е важно отворање процес на дијалог во којшто треба да се споделат искуствата и првичните согледувања од досегашната примена на социјални иновации.

– Повикуваме на активно учество на сите кои се дел од оваа платформа во креирање Националната програма, не само за поддршка туку и за финансирање на проекти во делот на социјална политика. Со МТСП од минатата година спроведуваме пилот проект „Оброк за сите“, кој е практична примена на социјалното претприемништво и добар пример за тоа како социјалните иновации може да се применат во јавниот сектор. Ваквите примери треба да бидат мотивација за развивање на слични програми во овој домен“, изјави Јован Деспотовски, директор на ФИТР.

Давид Оберхубер, пак, директорот на ГИЗ за Република Северна Македонија и Косово, уверува дека за да се искористи потенцијалот и да се обезбеди социјалната интеграција на ранливите групи, неопходно е да се охрабрува нивното учество во економијата.

„Да имате профитабилен и успешен бизнис додека помагате на другите низ светот без корупција и измама е концептот кој ќе го промени овој свет. Ние веруваме дека само со комбинирање на општествената одговорност, еколошката рамнотежа, економската способност и политичката партиципација, сегашните и идните генерации ќе можат да водат сигурен и достоинствен живот“, нагалси Оберхубер.

Марина Матеска, програмска менаџерка во „Паблик“, ги најави и следните чекори на Мрежата на социјални претпријатија, кои следат до крајот на годината.

– Планирано е да бидат подготвени уште два важни документи, Кодексот на однесување, кој е клучен за да се заштитиме од злоупотреби на терминот „социјално претпријатие“, и да ги договориме важните правила од кои нема да отстапуваме. Во овој кодекс ќе нѐ водат вредностите и принципите врз основа на кои се заснова социјалното претприемаштво како концепт. Другиот документ е Стратегијата за дејствување на Мрежата, во период од три години, каде ќе ги дефинираме приоритетите и активностите, најави Матеска.
Мрежата во моментов брои 20 социјални претпријатија и 20 поддржувачи, и е отворена за нови членови, кои сите информации во врска со зачленувањето може да ги најдат на www.sen.mk.

Целиот настан за промоција на Националната мрежа на социјални претпријатија беше поддржан од Германското друштво за интернационална соработка, ГИЗ.