Пишува: Стефани Накова

А. е девојче на 14 години. Ученичка е во основно училиште. Сака да пее, црта, да се дотерува, впрочем ужива во сѐ она што сакаат да го прават нејзините врснички. Има многу другарки и другари. А. најмногу од сѐ би сакала да може да трча заедно со нив, активно да учествува во игрите. Но, количката во која седи ја спречува во тоа. Мајката на А. одела на редовни контроли во текот на бременоста. Со бебето се било во најдобар ред. На самото породување дошло до компликација, поради која бебето се родило со помош на царски рез. Медицинските сестри го одвеле на мерење, а на мајката и’ го донеле дури следниот ден. Тој ден докторот и’ соопштил дека малата А. има церебрална парализа. Мајката вели дека во тој момент низ главата и се вртеле безброј мисли. Што всушност претставува таа дијагноза? Како ќе можат тие да се справат со тоа? Што ќе каже семејството? Пријателите? Какви проблеми и тешкотии ќе им донесе тоа во животот? На нејзино големо изненадување, семејството веднаш се ангажирало и барало начини како да и’ помогнат на малата А. Прочитале многу книги, пробале многу третмани и вежби, А. ја вклучувале на сите нивни средби.

Времето поминато учејќи ја малата А. како да пие сама од чаша, како самата да јаде, да ја фати боичката во рака, било долго и тешко. Но, кога ќе ја виделе како самостојно ги изведува активностите, насмевки се појавувале и сѐ уште се појавуваат на нивните лица.
Денес А. со помош на асистивна технологија сама ги извршува задачите на училиште, сама го пишува своето домашно. Околината одлично ја има прифатено. А. е среќно дете, кое со својата појава ги развеселува и тие околу неа.
Церебралната парализа настанува поради повреда на мозокот, а тоа може да се случи по долго и тешко породување, болест или траума на мајката во текот на бременоста или пак тешка инфекција кај новороденчето. Ова е непрогресивна состојба, односно истата не може да се влоши.
Постојат три различни видови на церебрална парализа (спастичка, атаксична и хипотонична) и истите се разликуваат по движењата карактеристични за секоја од нив, и воопшто по можноста за движење.
Сепак, сите овие видови во основа ги имаат истите симптоми.
Тие најчесто се тешко подвижни.
Пројавуваат неконтролирано движење, особено изразено во возбудливи ситуации.
Имаат потешкотии во говорот, а голем дел од нив комуникацијата ја остваруваат единствено преку невербален пат.
Церебралната парализа честопати е пропратена со оштетувања на сетилата за вид или слух.
Постои можност за интелектуална попреченост, но не мора да значи дека секое дете со церебрална парализа има и интелектуална попреченост.
Основа за успешен третман и рехабилитација на децата со церебрална парализа претставува навременото детектирање и дијагностицирање. Во најголем број од случаите, тоа е во постнаталниот период, односно по раѓањето на бебето. Но, постојат и случаи кај кои дијагнозата е поставена во раниот детски период, од 1 па до 3 годинни.
Во процесот на (ре)хабилитација вклучени се голем број на стручни лица: дефектолог, логопед, физиотерапевт, психолог, социјален работник…
Во зависност од тоа какви се способностите на децата, а на нашите простори и каква е желбата на родителите, децата со церебрална парализа, може да посетуваат редовно или специјално училиште. Најсериозните случаи пак, воопшто не посетуваат училиште. Дел од нив се вклучени во дневните центри наменети токму за деца со церебрална парализа. Овие центри имаат свој стручен тим кој работи на оспособување на децата, нивна социјализација и едукација.
На териториите на Америка и развиените држави во Европа, децата со церебрална парализа успешно се вклучени во процесот на инклузија. Но кај нас, и покрај тоа што инклузијата е поим кој доста често се слуша во последно време, децата со церебрална парализа во редовните училишта се ретка појава.
Потребно е уште долго да се работи со наставниците, родителите, па дури и учениците од редовните училишта, за тие без предрасуди да ги примат во своите училници и овие деца, кои доколку ги имаат потребните услови, може да постигнат исто така добри резултати како и останатите. Покрај тоа потребни се промени во приспособување на училишните згради.
Со едуцирање на средината, нема да добиеме успешна инклузија само во училиштата. Ќе поставиме темели за успешна социјална инклузија.